Достапни линкови

Проблемите во образованието подлабоки


Системот во кој треба да се вложува и кој е главната инвестиција за развој на општеството и новите генерации, а тоа е образованието, се наоѓа во лоша состојба, велат од Синдикатот на образованието, луѓето вработени во оваа дејност, но ова делумно го потврдуваат и од Министерството за образование. Лошата економска состојба која освен во слабата материјална ситуираност на просветните работници, деновиве и по случајот со опожарувањето на училиштето во Радовиш, ја покажа и катастрофалната страна на инфраструктурните образовни објекти, се слика на образовниот систем во државава. Со недоволни финансиски средства, не може да се мотивираат вработените во образованието, а сето тоа се рефлектира на недоволно квалитетно образвоание на идните генерации, потенцира Дојчин Цветановски од Синдикатот за образование, наука и култура, кој повторно ги актуелизира преговорите со Владата за утврдување на најниската плата во образованието:

„Од аспект на објектите какви се, еве гледате што ни се случува, а постојат околу 80-тина училишта во државава во катастрофално лоша состојба. Тоа е едниот аспект, другиот е што со вакви плати кои воопшто не ги мотивираат просветните работници, да дадат максимум во просветниот систем, ние уништуваме цели генерации.“

Со мислењето на Синдикатот се солжуваат и просветните работници. Исмаил Љатиф директор на средно училиште вели дека целиот товар на социјалната трпеливост е паднат на грбот на просветните работници, чии плати се најниски во споредба со останата јавна администрација во државава:

„Останува само ние што работиме во образованието да се сложиме со овие социјални состојби, додека во останатите дејности има позитивен тренд на покачување на платите.“

За ваквите состојби во образовниот систем, со финансииите на вработените, но и условите во кои се едуцираат идните кадри, од Министерството за образование велат дека главна причина е лимитираниот буџет, во кој нема доволно средства за поголеми инвестции:

„Сите знаеме дека состојбата со години наназад не е онаква каква што посакуваме, но максимум се трудиме да направиме колку што е можно во рамки на предвидениот буџет. Се надеваме дека во иднина при донесувањето на буџетот ќе се издвојат повеќе средства за овие намени.“

Изјавува Сузана Џамтовска портпарол на Министерството за образование.
XS
SM
MD
LG