Достапни линкови

Граѓаните тешко се одлучуваат да подигнат кредити за стан


И покрај широката понуда на станбени кредити кај повеќето банки во земјава, граѓаните тешко се одлучуваат да подигнат кредит. Тие велат дека причина за тоа е тешката финансиска состојба на едно просечни македонско семејство.
Условите кои банките ги бараат од кредитобарателите се различни, но во суштина тие треба да имаат редовни месечни примања.

„Услов е вработување на кредитобарателот. Исто така може да се јави кокредитобарател, па може да се земат во предвив и примањата на членовите на семејството за добивање на кредитот,“

вели Светлана Ристеска од една банка.

Таа објаснува дека висината на кредитите ја одредува месечната рата, а доколку барателот на кредит учествува со одреден влог при подигањето на кредитот, каматната стапка се намалува. Во една од банките не информираа дека максималниот износ на одобрен кредит изнесува 75000 евра со можност на отплата до 15 години. Месечните рати се пониски и изнесуваат околу 120 евра, ако се работи за кредит од 10 000 евра, но тоа е далеку од доволно за купување стан. Граѓаните велат дека кредитите се поволни само за вработените.

„Само за тие што работат, што е во работен однос, има чекови, во државна служба. Ако си приватно, и работиш за 200 – 300 денари, нема кредит.“
„Треба да имаш позадина за кредит, мора да гарантираш, ако сакаш да заглавиш куќа.“


Но, некои од нив признаваат дека во услови кога немате можност да купите стан, кредитите се добро решение.

„Сметам дека тој што нема ќе се нафати, ќе се реши. Толку е и киријата, вака барем...“

Од банките пак информираат дека интересот за станбените кредити постојано се зголемува, а тоа како што велат се должи на подобрените услови за подигнување на кредит.
XS
SM
MD
LG