Достапни линкови

Македонија очекува покана во 2008-та, Хрватска се надева на покана годинава


Низа активности на македонската дипломатија и министерството за одбрана во пресрет на ноемврискиот самит на НАТО. Наредната недела во земјава ќе престојува тим на алијансата, а кон средината на месецов ќе се одржи средба во Вашингтон на министрите за надворешни работи од Јадранската група – Македонија, Хрватска и Албанија. Земјава добива позитивни оценки во делот на одбраната. Она што преостанува е исполнување на политичките критериуми – независно судство, владеење на правото, борба против корупцијата и слично:

„НАТО Инсистира на подобрување на правната држава. Така што, значи дека паралелно со постигнување на стандардите во безбедносниот сектор, сега се бараат и политички и други критериуми,“

оценува Трајан Гоцевски, професор на Институтот за безбедносни и мировни студии во Скопје.

За реформите што остануваат во делот на одбраната, информира Билјана Аврамовска портпарол на министерството:

„Нашите активности ќе бидат насочени кон продолжување на трансформацијата на АРМ, согласно динамичкиот план.“

Очекувањата во владата се дека на самитот што ќе се одржи годинав да биде споменато дека поканата за членство ќе се добие во 2008:

„Во завршните документи на самитот од 2006 година иако заклучоците ќе бидат посветени исклучиво на процесот на внатрешна трансформација, сепак да се најде и еден заклучок сличен на заклучокот од Мадридскиот самит од 1997 година, каде што експлицитно ќе бидат наведени земјите кои ќе бидат поканети на нарредниот самит,“

изјави во неделното интервју на Радио Слободна Европа министерот за одбрана Јован Манасиевски.

Во Хрватска, по последната посета на премиерот Иво Санадер на Брисел, медиумите јавуваат дека генералниот секретар на алијансата Јап Де Хоф Сфефер ја отворил можноста тие да добијат покана и годинава.
XS
SM
MD
LG