Достапни линкови

logo-print

Многу простор за надворешната политика


Претседателите на Соединетите Држави и на Русија Џорџ Буш и Владимир Путин деновиве имаа можност да ја оценат минатата и да ги изложат нивните планови за претстојната година. И Буш во обраќањето за состојбата на нацијата и Путин на годишната прес конференција, многу време и посветија на надворешната политика.

Патот на Путин во надворешната политика би можело едноставно да се нарече статус кво или еволуција, а не револуција. Од друга страна, Буш продолжува да охрабрува извесно ниво на револуционерни промени. Изгледа дека се сменија улогите од Студената војна кога Вашингтон се обидуваше да го конзервира комунизмот, а Москва пак, сакаше да го извезе. Така, во врска со состојбата во Узбекистан, по масакрот во Андиџон, Путин изјави:

„Не ни треба втор Авганистан во Централна Азија и ние таму претпазливо ќе дејствуваме. Во Централна Азија не ни требаат револуции, туку еволуции.“

Путин ги бранеше и блиските врски на Русија со белорускиот претседател Алекснадар Лукашенка кого Запад го критикува за деспотско раководење на земјата.

„Специјалните односи меѓу Русија и Белорусија се развиваа со векови. Тие не може да се споредат со односите што Белорусија ќе ги има со на пример некоја западноевропска земја.“

Изјави Путин на својата редовна годишна прес конференција. Од друга страна, Буш во своето годишно обраќање, им рече на американците дека ќе ја продолжи активната надворешна политика, вклучувајќи ги тука војната против тероризмот и ширењето на демократијата во светот. Според Буш, изолационизмот ќе придонесе Америка да стане послаба и понебезбедна.

„Во сложени и предизвикувачки времиња, патот на изолационизмот и протекционизмот завршува во опасност и ослабена позиција. Единствениот пат за заштита на нашиот народ е оној што го водиме ние.“

Буш притоа ги наведе резултатите од неговата политика на ширење на демократијата во Авганистан и во Ирак. Во тој контекст беше спомнат и Иран:

„Истото важи и за Иран, земја која сега е под заложништво на мала верска елита која ги изолира и ги репресира своите граѓани.“

За разлика од нивните погледи на надворешната, Путин и Буш се согласија дека на внатрешната политика во иднина поголемо внимание треба да и посветат на енергетиката, како еден од главните услови за развојот на домашните економии.
XS
SM
MD
LG