Достапни линкови

Кај владата нема желба за укинување на монополот на Телекомот


Измина една година од донесувањето на законот за либерализација на фиксната телефонија кој беше донесен во февруари 2005-та година и најавата дека шест месеци по тоа, тој реално ќе профункционира, односно граѓаните ќе ги почуствуваат поволностите од влезот на новите оператори кои ќе му конкурираат на Телекомот. Министерот за транспорт и сообраќај Џемали Мехази вели дека либерализацијата на пазарот во фикансата телефонија останува приоритет на Владата која мора да се реализира:

„Нашата земја во доменот на либерализација треба да инвестира и веќе ги правиме тие чекори. Генерално како став и на Владата и на Министерството е, не само во оваа дејност туку и во останатите да се либерализира пазарот, бидејќи тоа е основа за развој на една земја.“

Потенцира Мехази.

Главна пречка што во државава во фиксната телефонија сеуштее владее монопол, беше долготрајноста во изработката и донесувањето на подзаконските акти од страна на Агенцијата за телекомуникации. Првиот човек на Агенцијата Коста Трпковски вели дека тие веќе се донесени, по што се работи на либерализација на пазарот во фиксната телефонија:

„Денот не би можеле да го прецизираме. Активностите се во еден растеглив процес, во смисла дека поединечни оператори преземаат покомплексни зафати. Очекувања се дека сепак на пролет би можело тоа да се случи.“

Кај Владата очигледно не постои желба за конкуренција на фиксната телефонија, бидејќи се одолговлекуваше со донесувањето на подзаконските акти, за да се заштити монополот на Македонски телекомуникации, смета пак Зоран Трајчевски поранешен директор на Агенцијата за телекомуникации:

„После изборите 2006-та година, би почнале вистински подготовки за либерализција на пазарот, бидејќи оваа Влада си има добиено дивидента минатата година и треба да си постапува согласно тоа.“

Наспроти ваквите критики од Агенцијата за телекомуникации изјавуваат дека неколку фирми веќе се нотифицирани, односно се пријавиле повеќе компании за учество во фиксната телефонија, а во постапка е утврдувањето на цените на Телекомот за интерконекција на останатите оператори.
XS
SM
MD
LG