Достапни линкови

logo-print

Тероризмот непријател и на исламот


По терористичките напади на Њујорк на 11 септември 2001 година, Соединетите Држави објавија војна против теророт, одбегнувајќи го фактот дека тероризмот е непријател на исламот. Јавното мислење во многу муслимански земји е негативно кон Соединетите Држави и кон Западот воопшто. Токму затоа, екстремистите ги опишаа американските напори како војна на Западот против исламот.

По ужасните напади на 11 септември 2001 година, голем број муслимански влади се приклучија кон напорите на Соединетите Држави во борбата против тероризмот. Но, во текот на следните четири години некои од овие сојузи беа на испит. Мартин Ван Брунсен, професор за исламски студии во Меѓународниот институт во Лајден, Холандија вели дека е широко распространето мислењето дека Вашингтон и неговите сојузници всушност ризикуваа војна против исламот.

„Секако дека имате екстремисти и мнозинството муслимани не се согласуваат со нивните методи. Но, има и многу голема група која ги поддржува нивните цели. Ако ги прашате просечните луѓе насекаде низ улиците на Пакистан, Индонезија или која било арапска земја за Израел или моменталната окупација на Ирак, мислам дека мнозинството ќе ви каже дека окупаторските сили треба да си заминат.“

Ваквото гледиште го поставува прашањето, ако толку многу муслимани се спротиставуваат на западната политика, може ли војната против теророт да биде добиена без нивно активно учество? Рускиот аналитичар Андреј Поинтковски вели

„Секој кој ги видел восхитените толпи на улиците на муслиманскиот свет на 11 септември, би рекол НЕ! Може да звучи банално, но во војната против радикалниот ислам или како што Буш го нарече-фашистичкиот ислам, може да се победи само како војна за мислите и срцата на муслиманскиот народ.“

Поинтковски се согласува дека тековните економски и социјални проблеми како што се големата невработеност, корупцијата и полицискиот терор го прават проблемот погорлив.

Неџат Грабус е студент на факултетот за исламски студии во Сараево. Тој вели дека погрешното интерпретирање и информирање за исламот на Запад, го усложнува проблемот и предизвикува негативна перцепција за муслиманството во немуслиманските општества.

„Политичките, културните, економските и другите проблеми кои постојат во модерниот свет не можат да се споредат со религиските. Јас како Муслиман, не можам го прифатам фактот дека исламот се презентира како можна закана и извор на недоразбирање меѓу луѓето. Само екстремно негативните примери се презентираат во медиумите.“

На прашањето што треба да се направи за да се зацврсти дијалогот меѓу муслиманските и западните цивилизации, експертите одговараат дека муслиманите треба да бидат активни во војната против теророт. Тие знаат дека самоубиствата или убиствата се грев и нивна обврска е тоа да го објаснат на другите немуслимански верници, објаснуваат аналитичарите. Но дали светот ќе биде сведок на поголем раздор меѓу муслиманските и западните цивилизации?

Професорот Ван Брунсен смета дека одговорот зависи од западната политика кон Муслиманите. Според него современиот тероризам е директен одговор на западната политика.
XS
SM
MD
LG