Достапни линкови

Секогаш се бара, политичка обоеност


Зад актуелните протести против продажбата на ЕСМ Дистрибуција организирани од здружениото „Глас за светлина“ стои ВМРО ДПМНЕ, обвинува владеачката СДСМ. Со истото обвинување излезе и опозицијата кога на плоштадот Македонија се славеше признавањето на името од страна на Соединетите Американски држави. Тврдеше, зад невладиниот сектор стои власта. Кај нас дури и синдикалците се со политичка етикета. Ванчо Муратовски бил на СДСМ, а Дојчин Цветановски на ВМРО ДПМНЕ се обвинуваат меѓусебно. Аналитичарот Ибрахим Мехмети вели дека политичките партии манипулираат со квалификациите кои ги даваат, а со тоа и ги омаловажуваат граѓаните кои излегле да протестираат или да прославуваат нешто:

„Никој не се обидува да види кој е вистинскиот проблем, а после да се обвинува дали се тие минупулирани од власта или опозицијата. Кај нас прво се кажува дека тие се манипулирани, а никој не ги анализира причините за незадоволството. Доколку постојат причини, тогаш невкусно е некој да ги обвинува, затоа што тие луѓе имаат имиња и презимиња, имаат ликови, и може да се праша зошто протестираат.“

Но, според Мехмети често се случува и граѓанските здруженија и организации да подпаѓаат под политички влијанија:

„Граѓанските здруженија не се доволно организирани, не се самостојни во нивните ставови. Тие ги следат политичките партии, или некои други интереси и затоа неможат да бидат доволно автентични. Кај нас за жал најорганизирани се политичките партии, а во овој наш контекст, нај неорганизирани се граѓаните и непостојат вистински добро организирани граѓански здурженија кои ќе најдат еден цивилизиран и ефикасен начин да ги изразат своите ставови.“

За Панде Лазаровски од Институот за социолошки и политички правни истражувања пак, нормален е сојузот помеѓу граѓанскиот сектор и партиите:

„Логично е и дека политичките партии настојуваат да имаат некаков кредит од евентуалното инволвирање во такви ситуации, а од друга страна и граѓанскиот сектор е исто така свесен дека треба да има свои сојузници кои се менуваат во зависност од тоа што е предмет на итересирање и каков е ставот на конкретната партичка структура.“

вели Лазаровски и додава дека не постои неисполитизиран сектор, а такви се и невладините и синдикалните здруженија:

„Граѓанскиот сектор е многу политички определен и би била тотална „будалаштина“ ако не бараат сојузници за реализација за она што сметаат дека е предмет на нивното залагање.“

објаснува Лазаровски.
XS
SM
MD
LG