Достапни линкови

Секоја учебна година три до осум илјади денари за учебници


Во државава има 230 илјади основци. Секоја учебна година нивните родители плаќаат од 3 до 8 илјади денари колку што чини комплет учебници. Гордана Букревска наставник во Скопје, смета дека растот на трошоците за многу граѓани станува недостижен:

,,Ученик по германски за шесто и седмо одделение чини 800-тини денари и тоа на старо, што значи на ново би било дупло.“

На сметка на хроничното негодување, Министерството за образование спроти наредната школска година најави можност, трошоците за учебници да ги плаќа државата. Според портпаролот на Министерството за образование Сузана Џамтовска, за остварувањето на оваа замисла помош ќе биде побарана од меѓународни донатори на Конференцијата што треба да се одржи, откако во меѓувреме министерството ќе ја изработи националната стратегија за образование.

,,На таа донаторска конференција меѓу другото ќе се зборува и за идејата за бесплатни учебници и ќе се види какво ќе биде расположението на донаторите и за кој проект се тие подготвени да помогнат.“

Но, идејата за бесплатни учебници за основците, колку и да звучи олеснувачки не претставува новина. Пред неколку години, односно во периодот меѓу 1996 и 97-та година, тогашната влада донесе еднократна одлука со која на учениците во основните училишта со пари од Владата и од Светската банка им беа подарени учебници. Иницијативата што живееше една година, згасна од наредната, кога на власт дојде сега опозициската ВМРО ДПМНЕ. Просветните работници потсетуваат на потребата од константна стратегија во образованието:

,,И сега прво на што помислуваме, е дали е ова поради предизборието?! Тоа доколку не се стави на хартија и не се напише дека од учебната 2006-та година учебниците ќе бидат бесплатни, неможе да се верува.. Инаку со ова ќе се избегне ова шаренило од учебниците што сега е случај во секое училиште, различни учебници, па различни автори.“

,,Навистина имаме проблеми со учебниците, поради економијата. Но, ако мисли некој со ова да си направи маркетинг, тоа би било ужасно, но доколку е реално би било голема помош за родителите и децата.“

Во меѓувреме и издавачките куќи потсетуваат дека треба на време да бидат информирани, доколку Владата има намера да обезбедува бесплатни учебници, со цел да изработат програма за учебниците да бидат отпечатени навреме.
XS
SM
MD
LG