Достапни линкови

Закана за нови напади и понуда за примирје


Лидерот на Ал Каида Осама Бин Ладен уште еднаш преку аудио снимка се закани со нови напади против Соединетите Држави, но овој пат понуди и примирје. Белата Куќа го отфрли примирјето, а аналитичарите оценуваат дека на Бин Ладен не може многу да му се верува и оти најверојатно и двете негови пораки, заканата и понуденото примирје, се лажни.

Бин Ладен ги отфрли тврдењата на американската администрација дека нема напади врз Соединетите Држави поради засилените безбедносни мерки.

„Одлагањето на таквите акции во Америка не е опради тоа што не можеме да го пробиеме вашиот безбедносен систем. Операциите се фокусирани во Багдад, но наскоро ќе ги видите и на ваша територија.“

Им порача Бин Ладен на Соединетите Држави, истовремено нудејки им и примирје.

„Ние сме религиозна заедница и господ не ни дозволува да лажеме, па и двете страни ќе уживаат безбедност и стабилност за време на примирјето се додека не бидат обновени Ирак и Авганистан.“

Белата Куќа веднаш го отфрли предлогот за примирје. Портпаролот Скот Мек Клилан соопшти:

„Ние не преговараме со терористи, туку се бориме против нив. Терористите ја почнаа оваа војна и претседателот Буш јасно стави до знаење дека таа ќе заврши кога сите тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата.“

Американскиот потпретседател Дик Чејни соопшти дека оваа најнова аудио снимка на Бин Ладен е уште едно потсетување дека станува збор за опасна група луѓе кои и натаму настојуваат да извршат напади врз Америка, но оти нема да бидат превземени некои посебни мерки за безбедност.

„Ние и онака сме на високо ниво на државна безбедност подолго време, постојат сериозни закани и треба да продолжиме да дејствуваме соодветно.“

Поранешниот американски воен разузнавач Кенет Алард оценува дека понудата на Бин Ладен за примирје ја покажува моменталната слабост на Ал Каида, но и на американската политика.

„Тоа е едноставно уцена, повеќе од што и да е друго. Ние нема да одиме по вас, ако вие се повлечете. Тоа доаѓа од човек што ја разбира американската историја и нејзините слабости.“

Алард укажува дека Бин Ладен игра на фактот дека претседателот Буш има пад на рејтингот и тоа главно поради војната во Ирак и на се погласните барања за повлекување на американските сили од таа земја. Поради тоа, на Буш му е потребна поголема национална подршка за победа во оваа војна.
XS
SM
MD
LG