Достапни линкови

Комисија за прочистување на избирачкот список


Министерството за правда веќе ги информирала политичките партии дека треба да делегираат по еден претставник кој ќе учествува во работата на Комисијата што ќе функционира во рамките на Министерството за правда и ќе работи на прочистување на единствениот избирачки список. Ваква одлука донесе владата на нејзината вчерашна седница:

„Тоа е всушност уште еден чекор кон остранувањето на сомнежите што ги пласира опозицијата, дека некој сака да ги намести изборите во 2006-та година и дека постојат ,,фантомски“ 150 илјади лица, како што тие наведуват - гласачи, а за кои се тврди дека непостојат. Се јавува разлика меѓу она што е во избирачкиот список и податоците од пописот, бидејќи граѓаните кои што се на подолг престој во странство не се регистрираат при пописот, меѓутоа тие како државјани на Македонија се во избирачкиот список и имаат право да гласаат.“

вели портпаролот на Министерството за правда Убавка Матевска. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ потврдуваат оти нивен престваник ќе учествува во работата на Комисијата, но тие бараат и присуство на меѓународен преставник:

„Ние бараме и експерти од некои меѓународни организации да има. Сметам дека некој од друга партија може да застапува некои работи и да ,,зажмирува,, но доколку биде некој експерт од меѓународната заедница, тој ќе држи до своето реноме.“

Од Министерството за правда велат дека само партиите ќе учествуваат во работата на ова Комисија:

„Во оваа Комисија ќе учествуваат ВМРО ДПМНЕ, ВМРО Народна, ДУИ, ДПА, ЛДП и СДСМ како и претставници на Министерството за правда, кое всушност е одговорно за ажурирањето на избирачкиот список.“

Формирањето на Комисијата ја поздравуваат и во владеачката ДУИ:

„Има случаи кога луѓето се умрени пред три или четири години, а се наоѓаат на избирачкиот список, па затоа мислам дека оваа одлука на Владата е оправдана.“

Изјави Аднан Јашари од ДУИ.
Во Министерството за правда велат дека сеуште не е утврдена методологијата и начинот на чистење на единствениот избирачки список, тоа ќе се дефинира на првиот состанок кој е закажан за понеделник, но се надеваат дека Комисијата за кратко време ќе ја заврши работата:

„Се очекува тоа да не трае многу долго, меѓутоа не би можела конкретен рок да ви кажам.“

вели Матевска.
XS
SM
MD
LG