Достапни линкови

Драматично преиспутување на позицијата на дипломатските претставништва


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс најави драматично преиспитување на позицијата на дипломатските претставништва и формирање на, како што ги нарече, испостави на американско присуство. Таа побара и поголема соработка меѓу американските дипломатски и воени претставници во некоја земја.

Во обраќањето во Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, државниот секретар Кондолиза Рајс изложи план од три точки со кој американските дипломати би требало да станат поодговорни во спроведувањето на новата таканаречена трансформаторска дипломатија. Задачата на ваквиот вид дипломатија, според Рајс, не е само да известува за тоа каков е светот, туку и да бара начини за негово менување. Рајс предлага преместување на американските дипломатски претставници од Европа кон другите делови на светот каде што популацијата се зголемува рапидно. Стејт Департментот годинава ќе пресели сто дипломатски места од Европа и Вашингтон во земји како Кина, Индија и Нигерија:

„Во дваесет и првиот век земјите во подем како Индија, Кина, Бразил, Египет, Индонезија и Јужна Африка се повеќе го моделираат курсот на историјата. Во исто време новите фронтовски линии на нашата дипломатија треба да бидат насочени кон тразиционите земји во Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток. Нашите постојни испостави во светот не го рефлектираат овој факт. На пример ние имаме ист број на дипломати во Германија, земја со осумдесет и два милиона жители и во Индија која има милијарда луѓе. Јасно е дека Америка мора да почне да ги прераспоредува своите дипломатски сили низ светот.“

Вели Рајс која, како што додаде, се залага и за формирање на таканаречени тимови за брза реакција. Овие тимови ќе бидат составени од експерти, на пример од здравството, и брзо ќе бидат испраќани за да се справуваат со некоја конкретна кризна ситуација во светот. Таа најави дека ќе биде проширено и американското дипломатско присуство надвор од главните градови на државите. Тоа поради фактот што, како што рече Рајс, Америка во над двесте градови со повеќе од милион жители воопшто нема дипломатски претставништва.

„За да им се приближиме на луѓето во овие центри со растечка популација ние не можеме секогаш да градиме нови конзулати. Новата поекономична идеја е она што го нарекуваме американско присуство. Идејата е едноставна. Еден од нашите најдобри дипломати ќе ја напушти амбасадата и ќе живее, ќе работи и ќе ја претставува Америка во таа земја.“

Според Рајс, вакви американски позиции веќе постојат во Египет и во Индонезија. Рајс исто така побара од дипломатите поблиску да соработуваат со американскиот воен сектор. Како добар пример за тоа таа ја посочи таквата соработка во Ирак и во Авганистан.
XS
SM
MD
LG