Достапни линкови

Во МНР велат дека се работи на исполнување на условите потребни за негово олеснување


Изработката на новите побезбедни пасоши, што е еден од условите за олеснување на визниот режим за македонските граѓани од страна на ЕУ изминува со проблеми во тендерскиот избор на фирмата која ќе ги изработува, за што во тек се и судски рочишта. Државава досега потпишала само шест договори за реадмисија со земјите членки на Европската Унија што пак, е вториот услов за укинувањето или олеснувањето на визниот режим. Законот за странци дури неодамна стигна во собраниска процедура, а во Владата исто така од неодамна се утврдени правилата за хармонизацијата на визниот режим на земјава со оној на Европската Унија, што допрва ќе треба да се имплеменира, накусо во оваа фаза на исполнување се неколкуте услови што државава, главно Министерство за надворешни работи треба да ги направи за укинување на визниот режим за македонските граѓани. Државниот советник во МНР Јасмин Ќахил, потенцира дека и покрај тоа што не утврден одреден рок, постојано се работи на исполнување на обврските:

„Заеднички рок немаме. Законот за странци ќе се донесе март или април оваа година, пасошите ќе се воведат до крајот на оваа година, за договорите за реадмисија, мора да се каже дека сепак тоа се преговори во кои што учествуваат двете страни и не ќе можат истовремено да се завршат сите овие работи... Значи еден заеднички рок немаме, меѓутоа за секоја од овие задачи ние имаме еден внатрешен, интерен рок кој ќе се обидеме да го испочитуваме.“

И покрај условите што се наша обврка, а сеуште се во фаза на исполнување, Министерството за надворешни работи, преку писмо и предложи на Европската Комисија олеснување и либерализација на визниот режим кој веќе 15 години претставува ограничувачки фактор за граѓаните. Во оваа насока во МНР велат дека ова е дел од интензивните лобирања, по што очекуваат заеднички состанок со Европската Комисија:

„Фактички ова писмо и преговорите кои не очекуваат со ЕУ се во ,,светлото,, на нашиот нов статус кон Европската Унија, така што може да се очекува дел од овие предложени мерки во писмото да бидат прифатени, но тоа е долгорочен процес.“

вели државниот советник Ќахил.
Државава неможе да се надева на привилегии поради статусот на земја кандидат за Европската Унија, исполнувањето на реформите е пресуден фактор, велат експертите кои додаваат дека во оваа насока македонската дипломатија не прави доволно за укинување на визите за граѓаните на државава.

„Од свеста дека ни пречи затвореноста, до олеснувањето на визниот режим има една процедура која ние мораме да ја направиме и таа во многу зависи од МНР и од нивните контакти со колегите од тие земји.“

Потенцира професорот Димитар Мирчев.
Македонските граѓани во моментов може без визи да патуваат само во 16 земји. На овој список наскоро нема да биде Бугарија која најавува воведување визи за граѓаните од земјава.
XS
SM
MD
LG