Достапни линкови

logo-print

Дебалканизирање на Балканот


Дебалканизирање на Балканот. По овој наслов Вол Стрит Џрнал деновиве објави анализа за ситуацијата во регионот во која, меѓу другото, се оценува дека Балканот како дел од Европската Унија не е само во интерес на луѓето на Балканот, туку и на Европската Унија и на Соединетите Држави.

Како што во Соединетите Држави се интензивираа дебатите околу тоа дали и кога треба да се повлечат од Ирак, во еден друг дел на светот Обединетите Нации се обидуваат да го детерминираат идниот статус на Косово за кое НАТО, предводено од Соединетите Држави, влезе во војна пред шест години. Ако се биде како што треба, тогаш решението за Косово, што можеби е и најважно, ќе го трансформира Балканот од извор на нестабилност во извор на безбедност, се наведува во текстот на Вол Стрит Џрнал во кој се додава дека битно е резултатот од преговарачкиот процес да биде брз, со јасно решение кое ќе биде прифатено и од Белград и од Приштина. Долгите, мачни и конфузни разговори кои ќе доведат до некакви полумерки или до одлагање на решението само ќе ја искомплицира ситуацијата. Како и да е, една популација таму која заслужува посебно внимание, се косовските срби. Станува збор за жртвувана малцинска група која чувствува опасност од албанските соседи, се на ведува во весникот во кој се додава: Многу често во минатото меѓународната заедница ги признаваше резултатите од етничкото чистење или од протерувањето во името на некоја поголема безбедност или мир. Многу често малцинските права беа занемарувани заради повисоки цели. Потврда за тоа се Босна, Хрватска...Таквите решенија носат крај на насилните конфликти, но се далеку од тоа да бидат фер за сите страни, што пак не носи траен мир. Подобро решение е најдено за соседната Македонија, каде што кратката, но крвава граѓанска војна во две илјади и првата, мнозинските етнички македонци и малцинските етнички албанци најдоа начин да си ги прилагодат интересите, да го реформираат уставот и да создадат демократска интеретничка влада прифатлива за сите заедници во земјата, смета Вол Стрит Џрнал, додавајќи дека Владата на Бучковски не е коалиција на опортунитетот ами коалиција на заложба. Денес Македонија е регионален лидер во евроитеграцискиот процес и неодамна доби статус на земја кандидат за Европската Унија. Тоа е значајно достигнување за македонците и за македонските албанци и охрабрувачки знак за другите Балкански земји. Тоа покажува што се случува доколку некој е сериозен во врска со интегрирањето во Европската Унија, вклучувајќи го тука и компромисот на сите етнички заедници, се наведува во анализата во која се прецизира дека решавањето на конечениот статус на Косово и референдумот за независност на Црна Гора нема сами по себе да значат и долготраен мир на Балканот. Но, само со неговото престорување во дел од Европската Унија, балканските војни може да станат работа на минатото, се заклучува во анализата на Вол Стрит Џрнал.
XS
SM
MD
LG