Достапни линкови

Курбан Бајрам – празник на жртвувањето


Муслиманскиот свет денеска го прославува Курбан Бајрам или празникот на жртвувањето. Муслиманските аџии кои се собрани во Саудиска Арабија, денеска во Големата џамија во Мека се молат пред тридневното ритуелно каменување на столбовите во Медина што го претставуваат Ѓаволот.

По молитвите на планината Арафат во Саудиска Арабија над два милиона муслимански аџии од целиот свет се подготвуваат за завршните церемонии од аџилакот. Инаку, планината Арафат е позната по верувањето дека таму пророкот Мохамед пред илјада и четиристотини години ја имал последната беседа. Многумина веруваат и тоа дека токму на тоа место Адам и Ева се соединиле откако Господ ги протерал од Рајот. Аџилакот се смета за еден од најважните моменти во посветеноста на муслиманите во нивните молитви за великодушност и простување.

Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија соопшти дека над милион ипол од аџиите годинава се од странство. Дури од сто седумдесет и седум земји во светот. Саудиските власти распоредија над шеесет илјади луѓе кои треба да ги спречат скоро редовните панични стампеда меѓу аџиите за време на каменувањето на столбовите. Сепак и годинава, Саудиска Арабија беше критикувана дека не ги презела сите мерки за безбедно одвивање на аџилакот. Тоа посебно откако пред неколку дена во уривањето на еден хотел во близина на Големата џамија загинаа седумдесетина аџии. Доплнителни проблеми на саудските власти им донесоа и извештаите за ширењето на птичјиот грип во Турција. Потрошени се над седум милиони долари за набавка на тамифлуто, лекот кој се употребува против птичјиот грип. Како и да е, Празникот на жртвувањето, за муслиманските верници претставува главен симбол за нивната солирадност.

„Пријатно е чувството кога ги изведуваш ритуалите на аџилакот. Му се молиме на Господ со цел да му се приближиме на вистински начин.“

Вели Хајтам Казим, ирачки аџија од Багдад кој како и секој муслиман кој е побогат, односно е во можност да дојде во Мека, е задолжен барем еднаш во животот да оди на аџилак.
XS
SM
MD
LG