Достапни линкови

Господин Методиј, епископ Велички. 2006 да биде поплодна од претходните и да ги надминеме сите искушенија


Минатата година помина во знакот на назначување тројца нови членови во Синодот на МПЦ и најави за зголемена дипломатска активност со којашто останатите цркви ќе се разубедат и во спорот меѓу МПЦ и СПЦ, како и случајот Вранишковски кој и понатаму добива публицитет. Колку сметате дека успеавте во вашата намера, кога и последниот сигнал што дојде од вселенската патријаршија беше заинтересираност само за случајот Вранишковски, но не и за она што навистина се случува?

Во овој период беше направено она што можеше воопшто да се направи. Повеќе во однос на една писмена коресподенција со останатите православни цркви и воопшто со останатите институции во пошироката светска јавност и во таа смисла има некаква рефлексија, но се разбира, ниту ние можеме да бидеме задоволни, ниту треба да бидеме задоволни од тоа колку е сторено. Следува една цела година во којашто ќе се обидеме да ги интензивираме тие комуникации, особено да се стави точка околу случајот Вранишковски и обвинувањата за финансиски проневери. Веќе на сите ќе им е јасно за што станува збор, дека се работи за експлицитен криминал, а не се работи за некакви религиозни слободи и овие реакции кои доаѓаат од Цариград мислам дека се задоцнети на информациите коишто претходно ги имаа и во голема мера како резултат на СПЦ, којашто сега треба во голема мера да си ги признае претенциозните ставови во однос на Вранишковски и инсталацијата на таа пара црковна заедница во Македонија.

Дали решавањето и на овој случај повторно е една од можностите преку која може да се продолжи диајлогот со СПЦ?

Во почетокот тоа беше условот на СПЦ околу продолжувањето на комуникацијата, но како што течат комуникациите и се разобличија многу манипулации, првенствено од дневно политичка природа, така сега тие станаа услов наш во врска со преговорите со СПЦ, затоа што сега единствен проблем е каде тие може реално да постојат. Тие не може да постојат како паралелна црква во Македонија, не може да бидат под МПЦ, а ниту да бидат експозитура на СПЦ во Македонија. Многу им е недефиниран статусот и затоа мислам дека тука ќе треба да се изнајде мудро решение за продолжување на дијалогот со СПЦ.

Престои ли уште една година во која треба да има многу позасилена активност со оглед и на решавањето на проблемот со уставното име на нашата држава и како тоа ќе се рефлектира?

Мислам дека работите не треба да се мешаат. Една е борбата на државата, а друга е борбата на црквата за статусот. Пресудно ќе биде продолжување на комуникацијата со СПЦ. Тие веќе даваат сигнали дека би биле расположени за тоа, меѓутоа е со другите православни цркви, да им се објасни дека не само комуникацијата, туку и проблемите еволуираат. Јас сум оптимист, заради сигналите кои ги чувствувам и во поттексот во менувањето на интонацијата и на луѓето од Србија и на луѓето од другите помесни православни цркви.

МПЦ има и внатрешни проблеми. Црквата го бара враќањето на имотите за да може и понатаму да се финансира, а МПЦ изразува и незадоволство за новиот закон на заедниците, токму во делот на финансирањето, барајќи да бидат ослободени од даноци по примерот на други држави?

Донесувањето на законот е долгорочен процес, во кој тој закон треба да се искристализира и да биде во корист и на тие меѓусеби релации коишто ги има државата со религиозните заедници. Се обидуваме да имаме активен однос за баланс во тие односи. Значи, немешање на државата во црковните работи, туку партнерски однос, во којшто ќе може да соработуваме. Во смисла на финансирањето црквата има сериозни проблеми, особено заради спориот процес на враќање на имотите. Таа нема средства со коишто ќе стопанисува за да не зависи од надворешните извори.

Како тоа се рефлектира?

Не можеме да оствариме патувања на делегации, постојано печатење монографии и собирање на материјали. Таа едукативна мисија, печатење на книги, авторски трудови. Невозможно е сето тоа, ако тоа зависи од продажбата на сфеќите и православните календарчиња.

Но, од друга страна верниците ја обвинуваат црквата за свртеност кон материјалните работи, дека таа се богати на сметка на луѓето коишто плаќаат високи суми за услуги коишто минуваат преку црквата?

Тоа секогаш стои како забелешка од страна на народот. Иако, ако споредиме каков е статусот на црквата и богаството на другите цркви ќе сфатиме дека сме во бедна состојба. Постојано се зборува за мерцедесите кои се возат, а не се забележува дека тоа се автомобили стари со години, земени половно и ако ги споредиме со тоа на кој начин функционира таа дипломатија во другите цркви, работата е неспоредлива. Забелешката дека за венчавање се плаќа толку пари, некогаш сме малициозни кога не ги познаваме работите внатре, колку се трудиме да фатиме крај со крај да може да функционираме и колку тие работи околу венчавките и крштевките не може да бидат бесплатни. Тогаш буквално би банкротирале.

Кои се предизвиците пред наредната година?

Јас се надевам дека 2006 ќе ни донесе можност да поработиме со јак психички ефект, тоа пристапување во кандидатурата за ЕУ. Мислам дека тој позитивен сигнал, а малку и нашата решеност да поработиме на тие проблеми ќе овозможи 2006 да биде поплодна. Можеби поплодна од претходните. Ќе биде изборна година, ќе има страсти и искушенија и мојата желба кон граѓаните и порака е да се погрижат кон своите лични проблеми, првенствено од духовна природа. Да не се предаваат на дефетизмот, кој го нарушува моралот во општеството и да го заменат исплолитизираниот начин на живеење со поконструктивна активност и во личниот живот и во она што е граѓанска иницијатива во секој поглед.
XS
SM
MD
LG