Достапни линкови

Нема место за паника и тензии


По минатонеделниот спор меѓу Русија и Украина, во врска со снабдувањето со гас, сега се актуелизира и барањето на Русија Бугарија да ја покачи цената. Македонија, Грција и Турција се снабдуваат со гас од Бугарија а Макпетрол е единствениот дистрибутер за Македонија. Оттаму велат дека медиумите прават непотребни тензии. Снабдувањето засега се одвива непречено.

„Минатата недела кога беше актуелен спорот меѓу Гаспром и Украина, Гаспром не информираше дека може да дојде до нарушување во снабдувањето со природен гас, а пак Макпетрол ги извести и потрошувачите и Владата за тоа. Сега, во овој случај такви најави воопшто нема. Се работи за билатерален, комерцијален однос меѓу две фирми од Русија и Бугарија и се работи за нивно полно право да разговараат и да преговараат за меѓусебните комерцијални односи. Во моментов нема место за тензии и за евентуални стравувања од нарушување во снабдувањето со природен гас во Македонија.“

изјави за Радио Слободна Европа, Ратка Лазарова, координатор за односи со јавност при Макпетрол.
Од друга страна, повторно се актуелизира птичјиот грип. Во Турција, тројца мртви и десетици хоспитализирани заради симптоми на птичји грип. А за Македонија, од Ветеринарната Управа велат дека состојбите се следат и дека засега нема место за паника.

Годината ни тргна турбулентно. Меѓудругото, во Куманово трудовите инвалиди штрајкуваат со глад, зашто останале без работа, а министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски изјави дека за надомест нема законска основа. Штрајкуваат и стечајците со повеќе од 25 години стаж од Штип и бараат средба со премиерот. А заедно со штрајковите започнаа и политичките препукувања. Премиерот Бучковски најави средби со лидерите на политичките партии за да се постигне консензус за измените на изборното законодавство, а од ВМРО ДПМНЕ, одговараат дека идејата на Бучковски е обид да се создаде лажна илузија пред меѓународната заедница дека има желба во Македонија да се организираат фер и демократски избори.

Вчера, еден ден пред Бадник, во скопската населба Кисела Вода беа пронајдени тела на еден маж и на една жена. Според првичните информации на полицијата, 58годишниот Ордан Стојановски прво ја убил жената, со која најверојатно имал љубовна врска, а потоа и се самоубил.
XS
SM
MD
LG