Достапни линкови

Апсењето никогаш не било поблиску


Потрагата по поранешниот генерал на босанските срби Ратко Младиќ, еден од најбараните од Хашкиот трибунал осомничени за воени злосторства во поранешна Југославија, се интензивира. Според некои изјави, неговото апсење никогаш не било поблиску. Инаку, в сабота изминува крајниот рок за предавање на Младиќ што Хашкиот трибунал го постави пред неколку месеци.

Претставници на српските безбедносни органи велат дека Ратко Младиќ можеби пред извесно време престојувал во Русија, но оти сега се криел некаде во Србија. Пред неколку дена српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека властите во Белград имаат идентификувано извесен број луѓе кои му помогаат на Младиќ и кои го попречуваат неговото апсење:

„Имам податоци за луѓето кои имаат комуникација со хашките бегалци. Овие информации ги имаат и Министерството за внатрешни работи и Српската безбедносна разузнавачка агенција.“

Но, во вторникот министерот за внатрешни работи Драган Јоциќ демантираше дека полицијата ги знае луѓето кои им помагаат на Ратко Младиќ и на Радован Караџиќ. Министерот Јоциќ дополни дека доколку тие се криеле во Србија, тогаш полицијата не го знае нивното засолниште. Веднаш по оваа изјава на Јоциќ, министерот за човекови права на Србија и Црна Гора Расим Љаиќ наведе дека имало некои знаци оти некои воени претставници биле или се уште контактираат со Младиќ. Тој е во бегство уште откако беше обвинет за геноцид и за други воени злосторства. Попрецизно станува збор за неговата улога во опсадата на Сараево од илјада деветстотини деведесет и втората до деведесет и петтата година и за оркестрирањето на масакрот врз осум илјади муслимани во Сребреница.

„Еве не на единаесети јули, илјада деветстотини девдесет и петта година, во српска Сребреница. Пред големиот српски празник му го подаруваме овој град на српскиот народ. Конечно дојде моментот да им се осветиме на турците на овој простор.“

Изјави Младиќ по влегувањето на српските сили во Сребреница. Србија е под голем меѓународен притисок за предавање на Младиќ и Караџиќ на Хашкиот трибунал. Притисокот посебно се интензивира по апсењето на поранешниот хрватски генерал Анте Готовина пред еден месец на Канарските острови.
XS
SM
MD
LG