Достапни линкови

Преговорите за статусот на Косово почнуваат во Виена следниот месец


Специјалниот пратеник на Обединетите Нации за Косово Марти Ахтисари изјави во Њујорк дека преговорите за статусот ќе започнат во наредниот месец во Виена. Ахтисари прецизира дека првата рунда преговори меѓу претставници на Белград и Приштина ќе биде фокусирана врз подобрувањето на условите за живот на малцинствата на. Тој ја нагласи и потребата од меѓународна помош за подобрување на економските услови на Косово.

Во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, Марти Ахтисари изјави дека пред расправата за идниот статус на Косово, тој ќе инсистира делегациите на србите и на албанците да се фокусираат врз условите за живот на малцинствата. Тој најави дека ќе побара и законски измени со кои ќе се гарантираат правата на неалбанското население на Косово, истакнувајки дека ги разбира тешкотиите што ќе се појават низ преговорите.

„Доколку двете страни цврсто стојат на нивните формални позиции, ќе нема многу работа за мене. Но, мислам дека треба да се обидеме да издејствуваме придвижување напред од тие фиксирани позиции и тоа е нашата сегашна задача.“

Ахтисари додаде дека во оваа почетна фаза на разговори треба да се вклучи и прашањето за децентрализација на владините структури на Косово, а ја нагласи и важноста од подобрување на економските услови, што мора да оди паралелно со преговорите. Според Ахтисари, Светската Банка треба да ја има главната улога во финансирањето на институциите и на Косово и во Србија и Црна Гора. Други значајни фактори за покренување на локалната економија, се Европската банка за развој, Европската Унија и Мисијата на Обединетите Нации на Косово, смета Ахтисари.

„Јас дури тоа би го нарекол паралелен процес кој е многу важен за нашите преговори, бидејки е тешко да се наиде на соработка доколку луѓето не гледаат подобра економска иднина.“

Ахтисари повтори и дека негова желба е преговорите за статусот на Косово да завршат во наредната година.
XS
SM
MD
LG