Достапни линкови

Ванчо Узунов, професор по применета економија на Правниот факултет во Скопје. Македонската економија не е во толку лоша состојба колку што мислиме


Господине Узунов, долго време се зборува за европските фондови. Според вас, колку од нив може да искористи Македонија со добивањето статус земја кандидат за членство во ЕУ?

Многу луѓе очекуваат многу пари. Колку може да користи, со еден колега од Словенија правевме предвидувања во таа сфера и како репер беше земена Естонија и колку таа користела во последната година пред да стане членка на ЕУ. Износот е 35 евра по жител. Значи, максимално 70-75 милиони евра годишно е фондот што би го користела Македонија. Иако, вака изгледа малку, сепак е повеќе од она што Македонија користеше преку КАРДС програмата на ЕУ. А, друго е факт што фондовите се даваат така да ако се искористат ефикасно имаат огромно влијание на целата економија.

Економската состојба во Македонија е лоша, а меѓу граѓаните владее впечаток дека од година в година се повеќе се влошува. Каде е излезот?

Па, јас да го кажам излезот ние треба да малку разговараме на тема дали економската состојба навистина од година в година е се полоша или тоа е нешто што само се зборува јавно, а ако ги прашате повеќето од тие граѓани коишто така зборуваат, не сите, туку повеќето, интимно, приватно, ќе ви речат, не е полошо, не е многу подобро отколку што беше. И бидејќи ние имаме логични очекувања да стане со побрза динамика подобро, ние велиме дека е полошо. Нема друг излез, освен реформи, бескомпромисни реформи во сите области назначени како приоритет. И тоа особено тука имаме уште еден интересен момент за Македонија, економска реформа е сега реформата на судството. Во основа тоа е правна реформа, но таа пред се е со економски предзнак. Втор вид на економска реформа е реформа на администрацијата, како работат институциите на јавниот сектор – министерства, агенции, било кои други видови државни институции, не работат доволно добро. Тие два вида реформи се во моментов за владата приоритет. А, кај делот на приватните претријатија се се сведува на реченица, како да почнат да произведуваат производи коишто ќе стануваат конккурентни, но барани на пазарите на ЕУ.

Секоја влада говори за носење странски инвеститори. Но, сепак до сега нема ниту една голема светски позната компанија. Каде е проблемот? Зошто не избегнуваат?

Прво, да видиме по видови на инвестиции, што ќе ги мотивира странците да инвестираат. И кога така ќе ги раздвоите видовите на странски инвестиции, на голем дел од нив произлегува дека Македонија што и да направи нема да ги добие. Затоа што повеќето од нив бараат на пример голем пазар. Македонија нема голем пазар, па уште во моментов, не само што нема доволно жители, туку нема и голема куповна моќ. Така што, тука владата што и да направи, таква инвестиција којашто бара домашен голем пазар нема да дојде во Македонија, тие ќе одат во друга земја. Имате инвестиции што бараат специфично средство, да речеме, многу образована сила во специфична област. Тие инвестиции се алоцираат во земји каде што случајно или намерно постои таков вид на работна сила или некој ресурси погодни од природата. Такви нешта во Македонија повеќе нема. Така што, за Македонија останаа оние инвестиции коишто би биле тука заради она што го имаме претпоставено – ефтина работна сила, и нешто што во нашето опкружение може да им даде на инвестициите коишто бараат пазар, но не претпоставено голем пазар, туку постојна побарувачка на пазарот. Имате и регионален пристап, што да направи владата. Инаку, за странските инвеститори сеуште постојат доволно пречки. Судството не работи како што треба, државната администрација не работи како што треба. Тоа за странците прво значи несигурност. Тој не е сигурен дека ако инвестира се ќе биде во ред со неговата инвестиција. Или, самата инвестиција, затоа што институциите се неефикасни трае многу долго. Работа што треба да се заврши во една недела тој ќе треба да ја тера три месеци. Тоа се поголеми трошоци. Затоа тие велат, ние сме заинтересирани за овој пазар, но да ги пуштиме да се дореформираат, да станат како што треба, па тогаш ќе инвестираме.

Поголемиот дел од државниот капитал веќе е приватизиран. Но, дел од тие фабрики воопшто и не проработија. Чија е вината?

Има случаи каде што има вина субјективна, значи на некој конкретен, политичар или менаџер. Има во дадени претпријатија вистина дека тие беа намерно дотерувани во лоша положба да може да бидат поефтино купени. Но, има и претпријатија за коишто нивното затворање беше најлогична опција.

Пред извесно време ЕУ ја призна Украина како пазарна економија. Колку Македонија е пазарно ориентирана?

Македонија денес е пазарна економија. Тоа е формално правно и суштински. Формално правно една економија е пазарна кога сите закони коишто го одредуваат деловното работење се пазарни. Сакал или не сакал секој субјект во Македонија се однесува пазарно. Суштински, пазарна економија станува кога доминантен дел од сопственоста ќе биде приватизиран од државна во приватна. И двата услова во Македонија се исполнети. Македонија е пазарна економија, но недоволно функционирачка пазарна економија и тоа е сега овој спелт на реформи, ние веќе не сме во транзиција, тоа беше до пред неколку години. Сега имаме некои други видови реформи, како од пазарна економија нефункционирачка да ја направиме функционирачка. Ако ги погледнете препораките на светските институции не велат дека треба да се направи приватизација, туку постојната пазарна економија да ја направите подобра.

Според вас, што Македонија може да понуди на европскиот пазар за да биде конкурентна?

Е, за жал, тука лежи зајакот на сите наши проблеми. Со многу малку производи, многу малку услуги, многу малку фактори коишто значат создавање додадена вредност Македонија може да има некаква конкурентност на европскиот пазар. Тука е проблемот, не во девизниот курс или во некои мерки на монетарна политика. Нема вградено во производите или услугите доволно додадена вредност. Значи, тие се ефтини, не скапи производи. Ние може да се врземе со разни примери. Ние имаме вино. Но, така како што го продаваме продавеме ефтино вино на тој пазар. Недостасува подлогата којашто би била предност, како што е добро вино, знаење како да се направи бренд, име, како да има стален квалитет. Како да се најде на масата на оние што го консумирале. Треба знаење како да се направи. Ама, не само знаење на еден или два менаџери, треба знаење и на целиот ланец на активности во производството на еден производ.

Кој бизнис сектор кај нас е најмногу прилагоден на ЕУ?

По мое мислење мислам дека секоторот на информатичка технологија во Македонија во моментот се најспремни да ги прифатат европските стандарди на работење. Тие бизниси денес да ги преселите во земја членка на ЕУ најголем дел од нив најлесно ќе опстанат. Другите македонски бизниси поголем дел ќе пропаднат, многу малку ќе опстанат.

Може ли да се направи споредба каде сме ние од аспект на економијата во однос на другите земји кандидат?

Заостануваме во економска смисла и во однос на Бугарија и во однос на Хрватска. Со Романија можеби не толку. Но, тоа не е ненадоместливо. За мала економија е особено лесно. Знаете, мала економија е специфична за раководење во секој поглед. Колку и да изгледа безизлезно во еден момент, толку и лесно се извлекува бидејќи е мала, се што треба е мал напор. Мала инвестиција значи многу во Македонија. Пет големи инвестиции во Македонија и добро работење и Македонија може да се преврти. Македонија може да ги стигне, ама треба да реши. И тоа не само владата, туку сите, или критичен дел од граѓаните.
XS
SM
MD
LG