Достапни линкови

Шокираност и осуда низ светот


Обединетите Нации, Соединетите Држави, Европската Унија и Израел изразија шокираност и револт од најновите изјави на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат, кој изрази сомневање во врска со Холокаустот и предложи Израел да биде преместен во Европа. Во реакциите главно се изразува сомневање дека Иран може да биде одговорен член на меѓународната заедница и оти светот треба да се обедини против неговата нулеарна програма.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат, кој во октомври годинава изјави дека Израел треба да биде избришан од мапата на светот, вчера на исламскиот самит во Саудискиот град Мека, го оспори Холокаустот и сугерираше дека Израел треба да биде преместен во Европа. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан во писмената изјава изрази шокираност, потсетувајки дека само пред еден месец Генералното Собрание на Светската Организација усвои резолуција со која се отфрла какво било негирање на Холокаустот за време на Втората Светска Војна. Портпаролот на Стејт Департментот Адам Ерели ставовите на Ахмадинеџат ги оцени како ужасни и неприфатливи.

„Овие најнови ставови, што ги слушнавме во извештаите, се за осуда. Тие сигурно не ни даваат надеж дека Иран може да биде одговорен член на меѓународната заедница.“

Британскиот секретар за надворешни работи Џек Строу, од името на Европската Унија, ги отфрли ставовите на Ахмадинеџат, додавајки дека тие не заслужуваат цивилизирана политичка дебата. Израелскиот министер за надворешни работи Силван Шалом изјави дека Ахмадинеџат покажува дека има намера да го уништи Израел и оти светот мора да се обедини во спречувањето на Иран да развие нуклеарно оружје.

„Европските држави и Русија треба да им се придружат на американците проблемот со иранската нуклеарна програма да се најде пред Советот за безбедност. Што поскоро, тоа подобро.“
XS
SM
MD
LG