Достапни линкови

Уапсен хрватскиот генерал Анте Готовина


Најбараниот воен злосторник од Хрватска Анте Готовина е уапсен синоќа на Канарските острови, соопшти денеска главниот хашки обвинител Карла дел Понте.

„Сакам да ви ја соопштам добрата вест која ја добив пред еден час. Анте Готовина во моментов е во притвор и ќе биде префрлен во Хаг",

изјави Дел Понте на средбата со новинарите, веднаш по пристигнувањето во Белград.

Хашкиот обвинител им се заблагодари на шпанските и на хрватските власти за соработката и истакна дека очекува наскоро да бидат уапсени и поранешните лидери на босанските Срби Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Оваа вест ја потврди и портпаролот на Дел Понте, Флоренс Артман.

„Главната хашка обвинителка по овој повод разговараше со хрватскиот премиер Иво Санадер и му се заблагодари за хрватската соработка. Сега се работи на процедурата за испорачување на генерал Готовина во Хаг",

објасни Артман.

Адвокатот на Готовина, Маријан Педишиќ истакна за ХРТ дека се уште не е информиран за апсењето на неговиот клиент.

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска го поздравија апсењето на Готовина. Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер апсењето го оцени како "добра вест" и порача дека тоа ќе ја доведе Хрватска поблиску до Алијансата. Тој го поздрави фактот што лицата обвинети за сериозни злосторства конечно ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Во март годинава хрватскиот неуспех за апсењето на Готовина беше главниот причина поради кои беше одложен почетокот на преговорите со Хрватска, но во октомври Дел Понте го промени ставот изјавувајќи дека Загреб целосно соработува со Хаг.

Генерал Анте Готовина беше во бегство откако во 2001 беше обвинет од Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени врз хрватските Срби кон крајот на војната во Хрватска во 1995 година. Во обвинението на Трибуналот се наведува дека од февруари до април 1992 година, бил заменик командант на специјалната единица на Генералштабот на хрватската војска, а од април до октомври 1992 бил распореден во Хрватскиот совет за одбрана. Во обвинението се наведува дека од 9 октомври 1992 до март 1996 бил командант на Воената област Сплит како и главен командант на операцијата "Бура", која се одвиваше во секторот Југ.

Се товари за злосторства против човештвото, (прогонства, депортации, присилно раселување и други нехумани дела) и кршење на законите и обичаите на војување (убиство, грабеж на имот, безобзирно разорување градови, населби и села), врз основа на индивидуална одговорност како и кривична одговорност во функција на надредено лице.
XS
SM
MD
LG