Достапни линкови

Експертите сметаат дека е потребен поголем раст, граѓаните не чувствуваат подобрување


Растот на бруто домашниот производ, за 2004-та година кој изнесува 4,1 проценти што е за 5,5 насто повисоко во однос на 2003-та е позитивен, но не е доволен, велат економските експерти коментираќи ги најновите податоци од Заводот за статистика. Експертот од Центарот за економски анализи Марјан Николов вели дека очекуваниот Бруто домашен производ според еврпските стандарди треба да изнесува од 6 до 7%.

,,Економски раст кој што е околу 4% секако е добредојден, но сепак негативна страна е дека тој не е доволен од повеќе аспекти, а еден аспект би бил дека, доколку се спроведува она што е договорено со Светската Банка и ММФ би можело да се очекува на среден до долг рок, забрзување на економскиот раст и конечно да го постигнеме она очекувано ниво од 6 до 7% кој што обезбедува конвергенција кон земјите од Европската Унија."

Во спротивно со оваа висина на Бруто домашниот производ од 4%, Македонија која претендира влез во Европската Унија, неможе да биде активен парципиент на еврпскиот пазар и да се соочи со конкуренцијата како и економиите на членките на Унијата, објаснува Николов:

,,Инаку ако сега влеземе, со ваков економски раст, јас неверувам дека ние ќе можеме да ја издржиме силината на конкуренцијата, ќе бидеме прегазени. Значи не е поентата стандардизирање на економскиот раст, туку се работи за тоа, колку брзо ќе ја прилагодиме економијата за да бидеме конкурентни и активни парципиенти во економиите на ЕУ.”

Актуелно регистрираните позитивни податоци, граѓаните велат дека не ги чувствуваат и потенцираат дека се додека не се подобри нивниот квалитет на животот, бројките не им значат ништо.

,,Додека не се почувствува, додека ние народот не го почувствуваме тоа, бројките не значат ништо.

,,Податоците ниту ги разбираме, ниту ги чувствуваме. Бројките се едно, а реалноста е друго.”

,,Се пријавуваме во Заводот за вработување секој месец и јас и жена ми, ама нема вработување. Еве нашата економија е тоа.”


Според податоците на Заводот за статистика, растот на БДП се должи на забележаниот пораст на инвестициите, како и поради растот на извозот и увозот на стоки и услуги во 2004-та, во однос на претходнната 2003-та година.
XS
SM
MD
LG