Достапни линкови

Никола Пановски, директор на Фондот за здравство. Ќе биде тешко, ова е преоден период што треба да се преживее


Здравството и годинава хронично се соочуваше со недостаток од медицински, санитетски потрошен материјал. На некои клиники апаратите не работеа поради дотрајаност, пациентите чекаа на листи за да им се изведе операција. Со оглед на намалениот буџет за 2006 година, ќе преживее ли здравството?

Прво, буџетот не е намален. Буџетот е зголемен и тоа најмалку 30 насто во однос на 2002. Во Клиничкиот Центар таа цифра е и малку повеќе од 30 насто, но кога директорите кажуваат дека е намален буџетот, тие сметаат на она што им е потребно. И до сега, иако немале често дозвола од Фондот, нарачувале стока, факт е што таа стока не била платена и се зголемувале залихите. Ние ги правевме буџетите според вистинските трошоци, според она што навистина сме го платиле, а не она што е набавено. Така што, ќе биде тешко од причина што ова е еден преоден период што треба да се преживее, односно треба да докажеме дека може да го одржиме овој здравствен систем без да правиме обврски и како ќе биде се зависи од донесувањето на буџетот. Една најава и зрак на надеж има со цигарите, друга немаме. Се надевам дека во декември конечно ќе се продадат Скопски аптеки и дека средствата ќе дојдат во здравството, а не во буџетот, како што беше со другите здравствени установи. За другите 13 програми, и за намалување на ДДВ-то, нема најави дека годинава тоа ќе се случи.

Ќе се одрази ли ова врз пациентите и врз кои категории имајќи на ум дека голем дел од парите одат за лекување на канцерогените зааболувања или хепатитисот?

Секако дека ќе се одрази, но работа на здравствените институции е да направат селекција, таму каде што не е потребен скап лек, да избегнуваат да го дадат. Кога кажав дека 30 насто повеќе пари сме дале, никој не сака да ги каже новите права што ги добиле осигурениците со новите лекови кои чинат пари и можеби бројот на пациентите ќе мора да биде ограничен за некоја болест каде што има скапи лекови. Нагласувам дека тие лекови до пред две години воопшто не постоеле.

Велите, бројот на пациенти може да биде ограничен. Значи ли тоа дека клиниките ќе мора да изработат приоритетни листи на пациенти, односно како во овој случај пациентите ќе бидат заштитени од праксата дека ако немаат препорака или пријатели нема да бидат оставени на листа на чекање?

Па, се надевам дека ќе добијат терапија, но да не се оди во најскапата терапија, туку неопходната којашто ќе даде резултат. Инаку, да ве потсетам, дека 2002 година и дел од 2003 година, болните од малигни заболувања, ги купуваа лековите. Тогаш фондот потроши само 2 милиони евра за таа намена, а во другите години троши по осум милиони. Сега велиме дека со еден многу појак буџет од 2002, не би можеле да преживееме и да одиме понатаму. Испаѓа парадокс, дека ако едно право дадете и не го исполните до крај е полошо од воопшто да не сте го дале. Тогаш веднаш има незадоволство, а претходно воопшто го немало. Такви случаи можам да ви наредам цел список.

Не ја исклучувате можноста некои пациенти да бидат вратени од клиниките?

Од Светска банка, госпоѓата Шарбани ќе ја цитирам, таа кажа, бев во внатрешноста, и апсолутно сум оптимист дека тие буџетите ќе ги остварат со голема леснотија. Јас ја прашав, бевте ли во Клинички центар. Нас ни е страв дека иако Клинички центар добил многу поголем буџет од порано, работата е што се се слева во клинички центар. Јас ќе инсистирам дека за некои институции, каде што нема никаква дејност, ниту една операција, подобро е да не им платиме на луѓето внатре, отколку пациентите да ги плаќаме исклучиво во повисоко ниво на заштита каде што буџетот е ограничен. Значи, клиничкиот центар ќе биде главен што ќе биде ударот и тука треба да ги насочиме нашите напори, дека за банални операции, на жолчка, слепо црево, не смеат да ги праќаат во Клинички центар пациентите. Ако ги праќаат, јас гарантирам дека и плата нема да земат, па нека потпишале и 1,000 колективни договори. Јас не мора да бидам директор, но не може некој да работи во внатрешноста, сите пациенти отишле во примарното здравство, болницата не врши породувања, не врши операции, единствено пишуваат упати и го тужат Здравствениот дом дека колективниот договор не им е остварен.

Но, долговите во здравството се резултат и на долговите што некои директори ги направиле во институциите. Зошто до сега не слушнавме дека некој директор бил санкциониран?

Добро, злоупотреби директни има друг којшто треба да ги констатира. Има правење залихи, и како принцип на работа треба да се санкционира. До сега, за мене од непознати причини немаше санкции. Иако, на две клиники во Клинички центар каде што имаше поголеми залихи, и го дадовме во печатот тие директори повеќе не се директори на клиниките.
XS
SM
MD
LG