Достапни линкови

logo-print

Своевидна конкуренција за државните факултети


Доаѓањето на странските приватни факултети во Македонија, им прави конкуренција на државните факултети, оценуваат експертите, но тоа е добро бидејќи така се подобрува квалитетот. Генерално, на македонските универзитети им недостига практична настава и токму тоа, тие го учат од странските факултети кај нас. Миле Гиновски од асоцијацијата “Стремеж” вели:

„И нашите високообразовни институции имаат богати наставни содржини, меѓутоа нешто што можеби го немаат е практичноста. Значи нешто што ние за разлика од странските факултети го немаме, се проектните активности. Апелирам до Ректоратот барем да ги следат примерите од овие западни институции и тоа да се внесува и кај нас.“

Александар Кировски е студент по менаџмент на Њујорк Колеџот од Скопје. Според него, единствениот проблем, врзан за овој Универзитет е што во моментов се одобрубаат само две стипендии. Студиите во моментов не се достапни за сите, но оние што ќе дипломираат ќе имаат диплома призната и во Европа и во Америка.

„Секој студент може слободно да праша, доколку не разбира некој дел од домашните задачи, може да исконтактира со професорот или асистентот. Но, тие нема да ти ја напишат домашната.“

Сепак, да се воведе американски систем на образование во Македонија и не е едноставна работа, вели Маја Ангелеска, одговорна за маркетинг при Њујорк Колеџот. А од друга страна средношколците, кои што се запишуваат, не се доволно подготвени да следат настава на англиски јазик:


„Младите генерации сите знаат англиски јазик, но тоа треба да биде добар англиски. Студентите на пример, не се запознаени со таквиот начин на работа, дури кога пишуваат есеј ние мораме да ги подготвиме претходно за тоа да можат да го сторат добро.“

Од Универзитетот Св. Кирил и Методиј објаснуваат дека проблемите со кои тие се соочуваат се системски и барат време. Ако на Универзитетот се запишани 36 илјади студенти, логично е да се јавуваат проблеми, но со реформите чекор по чекор, квалитетот се подобрува. Оттаму велат дека конкуренцијата не им го намалува бројот на студентите.
XS
SM
MD
LG