Достапни линкови

logo-print

ЕУ со строгата визна политика за државите од Западен Балкан поттикнува антиевропски чувства


Европската унија со својата строга визна политика за државите од Западен Балкан поттикнува антиевропски чувства во тој регион. Ова се наведува во најновиот извештај на Меѓународната Кризна Група чии делови пренесува париски Монд.

Во извештајот се наведува дека иако шефовите на државите и владите на Европската Унија на состанокот во Солун пред две години ветиле дека ќе ги ублажат острите услови за издавање визи за државјаните на Македонија, Босна, Србија и Црна Гора и Албанија досега ништо не се променило. Овие земји, како што оценува Меѓународната кризна група, и натаму се надвор од евроатлантските структури, соочени со организиран криминал и корупција и со тешко чувство дека на нив се гледа како на закана. Притоа се поставува прашањето како младите луѓе таму кои би требало да бидат носители на преобразбите и на отстранувањето на национализмот и на последиците од војните, можат да бидат привлечени од Европа и од нејзините вредности доколку Унијата им ја затвора вратата. Во извештајот се укажува дека наспроти политиката на Европската Унија, властите во например Пакистан и Иран привлекуваат се поголем број млади, токму благодарејќи на поблагата политика за издавање визи. Иако е загрижена и преокупирана со безбедноста, сепак Унијата, според Меѓународната кризна група, не е во состојба да го спречи влегувањето на криминалци, туку на луѓето кои би можеле да донесат мир и стабилност во Западен Балкан. Затоа, Унијата треба најнапред да ги отстрани пречките за доаѓање на стручњаци и деловни луѓе од Западен Балкан, а потоа и на сите граѓани од тој регион. Во спротивно се задушуваат посакуваните демократски реформи во тие земји и ги турка нивните граѓани во вистинско европско гето, се наведува во извештајот во кој се додава дека овие држави за возврат треба да ја засилат борбата против илегалната имиграција, да потпишат спогодби за соработка во контролата на границите и да развијат механизми за сузбивање на сите видови организиран криминал. Западнобалканските земји би требало со Европската Унија да се договорат и за реадмисија на илегалните имигранти од трети земји кои би успеале преку нивните територии да влезат во Европа, заклучува Меѓународната кризна група во најновиот извештај чии делови објави париски Монд.
XS
SM
MD
LG