Достапни линкови

Не е пријатно, да се сомничи генерал на Армија која претендира влез во НАТО


Државното обвинителство на вуковарско сремскиот регион во Хрватска деновиве покрена истрага за утврдување на веродостојноста на наводите од хрватскиот печат во кои началникот на македонската војска генералот Мирослав Стојановски се сомничи за воени злосторства во Вуковар во 1991 година. Во министерството за правда во земјава велат дека тие не се информирани за истрагата и објаснуваат која е постапката во случај да се покрене обвинение:

„Доколку хрватската страна покрене обвиниение против генералот Стојановски, според нашиот Устав тие неможе да бараат екстрадиција, бидејќи според членот 4ставот 2, не се врши екстрадиција на државјани на Македонија на други држави, Хрватска единствено може да побара преземање на кривично гонење пред македонските судови и доставување на списи. Само ова е тоа што можат да го бараат и што ние можеме да го направиме.“

изјави Убавка Матевска од министерството за Правда. Хрватските медиуми прикажуваа снимки за вклученоста на генерал Стојановски во војната во Хрватска. Тој како капетан на прва класа на специјалните единици на рамки на поранешна ЈНА бил ангажиран во локалитетот Вучидол каде се претпоставува дека се егзекутирани десетина хрватски војници кои се предале, што значи од аспект на меѓународното хуманитарно право тие имале статус на затвореници и наместо да бидат третирани според Женевските конвенции тие биле егзекутирани, објаснуваат експертите. Во таа група имало и цивили, за што има и сведочење во вчерашниот број на Вечерњи лист од Аница Марич од Вуковар. Но, според експертите, сето тоа треба да се докаже. За правните аспекти на случајот и за што би можел да одговара генералот Стојановски, Билјана Ванковска професор по меѓународно хуманитарно право вели:

„Треба да се утврди, бидејќи има индикации дека во таа група каде што се предале хрватски војници со статус на воени заробеници, се претпоставува дека имало и цивили. Димензијата на цивили би вовела една нова светлина на случајот. Едно е кршење на Женевските конвенции на третманот на воените заробеници, а друго е ако имало и цивили, па ако во таа група настрадале и цивили и секако има индикации за некоја инволвираност во некакви воени логори итн…за што не би можела да шпекулирам. Во секој случај станува збор за сериозни воени злосторства, за што не е убаво кога се сомничи еден началник на армија која претендира да влезе во НАТО.“
XS
SM
MD
LG