Достапни линкови

Македонија бара олеснување на визниот режим, а доцни со исполнувањето на сопствените обврски


Македонските граѓани веќе 15 години се под строг визен режим, а без виза можат да отпатуваат само во неколку земји во светот. Олеснување на визниот режим од Европската Унија уште еднаш побара и министерката за надворешни работи Илинка Митрева при неодамнешниот престој во Брисел, а Владата очекува дека и добивањето на статус кандидат за членство во Унијата ќе го забрза тој процес. Меѓутоа, експертите оценуваат дека Македонија пред се, треба да ги исполни неопходните услови, меѓу кои, нови пасоши, осовременување на граничните премини, договори за реадмисија, па потоа да се надева на укинување на визите.

Намалување на бројот на дипломатските пасоши, договори за реадмисија, единствен визен центар, нови патни исправи, осовременување на граничните премини, се услови на кои треба да работат нашите министерства за олеснување на визниот систем. Редици луѓе пак, кои сакаат да отпатуваат надвор од државата се слика пред амбасадите веќе 15 години. Прогнозите на експертите и на надлежните се дека тие ќе ја завршат својата работа најдоцна до 2007 година. Државниот советник за конзуларни работи и меѓународно право Јасмин Ќахил вели дека тие постојано работат на исполнување на обврските, а неговата оптимистичка проценка е дека мало олеснување граѓаните ќе почувствуваат набргу:

„Има некои области кои генерално не зависат од нас. Потпишувањето на договорите за реадмисија зависи од желбата на другите држави и од брзината на водењето на преговорите. Од друга страна, изработката на новите пасоши е поврзана со тендерската постапка која еве имаме и жалби. Исто така, сме во фаза на изработка на нов правилник за издавање на дипломатски пасоши со кои листата на овие носители ќе биде редуцирана,“

вели Ќахил и потенцира дека добивањето на статус земја кандидат за членство во ЕУ може да го забрза процесот:

„Се разбира дека помага и ќе помага во овие наши усилби и се надеваме дека многу скоро, овој цврст Шенгенски ѕид малку ќе се олабави.“

Но, според магистерот по европски науки Иван Дамјановски, статусот на кандидат не значи олеснување на визниот систем, внатрешните реформи се важни:

„Пример, Романија и Бугарија долго време, неколку години беа земји со кандидатски статус, а сепак беа на црната листа на ЕУ. Од друга страна, Хрватска којашто неодамна доби кандидатски статус, воопшто немала посериозен визен режим. Претежно тоа зависи од степенот на реформите, не од статусот, а во крајна линија, тоа е политичка одлука,“

објаснува Дамјановски и додава дека покрај техничките услови треба да се решат и проблемите со корупцијата, организираниот криминал, трговијата со луѓе и дрога.

Од МВР надлежно за другиот дел од реформите, велат дека веќе ја преземале обврската за контролата на границите на Македонија:

„Наското ќе почне и проектот со компјутерско централно поврзување со база на податоци на сите гранични премини. Се очекува во 2006 година да ги имаме и новите патни исправи. Со тоа, значи заклучно до 2006 година би ги исполниле сите услови за олеснување на визниот режим,“

вели Горан Павловски, шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи.

Македонските граѓани сега без виза може да патуваат само во 16 земји во светот. Покрај реформите се презема и дипломатска офанзива, целат од МНР.
XS
SM
MD
LG