Достапни линкови

Мисијата Проксима во Македонија се заменува со советодавен полициски тим-Еупат


Новата форма на соработка на Македонија и ЕУ има за цел да даде натамошна поддршка на развојот на ефикасен и професионален полициски сервис, заснован на европски стандарди, велат од канцеларијата на преставникот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере. Новиот Советодавен полициски тим со одлука на Советот на Министри на ЕУ ќе ја замени досегашната полициската мисија Проксима во Македонија чиј мандат започна во декември 2003 година:

„Севкупната оценка е дека мисијата е успешна. Имаме позитивни резултати благодарејќи на добрата соработка со министерството за внатрешни работи и лично со министерот Љубомир Михајловски. Секако постојат полиња во кои треба повеќе да се направи. На пример во децентрализацијата, во внатрешната контрола, во која иако има прогрес треба уште да се работи и секако во зајакнување на човечките ресурси во полицијата“.

изјави портпаролот на канцеларијата на ЕУ во Македонија Андреа Анџели.
И во МВР соработката со ПРОКСИМА ја оценуваат како мошне успешна и се надеваат дека така ќе биде и со Советодавниот полициски тим на Европската унија (ЕУПАТ).
Во текот на својот мандат ЕУПАТ ќе помогне во процесот на целосна имплементација на реформите во македонската полиција.

„Тоа е тим на полициски офицери кој ќе биде уште една формална помош на македонската полиција во процесот на евроинтегрирање. Основно, тимот ќе биде фокусиран на имплементација на полициските реформи, ќе ја следи соработката меѓу судовите и полицијата, полициските стандарди и внатрешната контрола“.

рече Анџели.
Под водство на специјалниот претставник на ЕУ Ерван Фуере и во соработка со Владата, европските полициски експерти ќе вршат мониторинг и ќе ја советуваат полицијата во Македонија за приоритетните прашања, како што се граничната полиција, јавниот ред и мир, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Советодавниот полициски тим на Унијата ЕУПАТ официјално ќе биде воспоставена на 14 декември, со оглед на тоа што следниот ден официјално завршува мандатот на Проксима. Мандатот на Советодавниот тим на Унијата ќе трае 6 месеци.
XS
SM
MD
LG