Достапни линкови

Тито Петковски, пратеник и лидер на нова партија на македонската политичка сцена. Немаше да заминам од СДСМ, доколку партијата не ја водеше оваа гарнитура


Господине Петковски кои беа причините за напуштање на СДСМ?

Знаете, човек кога треба да донесе важна одлука во животот, треба да внимава дали е донесена во вистинско време и на соодветен начин. Јас мислам дека последните три години од власта на СДСМ и Коалицијата За Македонија заедно, заедно со ДУИ, беше во сериозен расчекор со моите очекувања од програмата на Коалицијата, значи практично во спроведувањето на програмските определби на терен и второ особено неможев да се согласам со најтесното партиско раководство со начинот на кој што ја води партијата, пред се мислам на Претседателот и потпретседателите и начинот на кој што се донесуваат одлуките во Владата и Собранието. Мислев дека треба да донесам одлука или да напушта, воопшто да не се ангажирам политички или да донесам одлука, каква што донесов, охрабрен од моите луѓе-пријатели кои мислат многу слично, со кои имаме сличен систем на вредности, кои ме охрабруваа да се обидам за нешто ново на македонскиот политички простор, да ја зголемиме конкуренцијата и посебно околу она што не е препознатливо, а тоа е да се поведе грижа за обичниот човек кој многу изгуби во оваа транзиција и во овие реформи и кој што е фрлен некаде на маргините на животот, со огромен број на невработени, семејства кои што примаат социјална помош итн. значи една лепеза од прашања како предизвик за еден нов политички субјект кој што условно речено би се позиционирал, лево од центарот, ако воопшто може да се говори на македонската политичка карта за позиционирање.

Г-дине Петковски се решивте да ги напуштите редовите на СДСМ кога со партијата раководи г-динот Бучковски, актуелниот премиер. Значи ли тоа дека неговиот претходник Црвенковски ги ,,држеше,, работите под контрола, во партијата?

Во секој случај Црвенковски произлегува од СДСМ или така да кажам тој е дете на СДСМ, за разлика од Бучковски кој сепак дојде од една друга партија и му требаше малку време да се интегрира, а и незнам дали сеуште е целосно интегриран во СДСМ. Се разбира мислев дека после изборот на Бранко Црвенковски за претседател на државата и моите укажувања и на Седницата на ЦО, на Претседателството и во пратеничката група ќе можат да влијаат некои од тие идеи сепак да продрат до раководството на партијата и да имплементираат во политичките одлуки, но очигледно тоа не се случи. Кога тоа не се случи, логично дојде одлуката што ја донесов.

Во таа насока каква иднина и предвидувате на СДСМ?

Јас во едно сум сигурен, дека еден голем број од членството на СДСМ кој што отворено ја подржува и ја подршуваше мојата политика, ќе ја прифатат новата политичка партија. Луѓето од раководството, дали станува збор за Централниот одбор или пратениците не е целна група ниту моја, ниту на луѓето со кои што се одлучивме да го направиме ова.

За неколку дена закажавте и основачко собрание на новата партија. Можете ли да ни спомнете некое име, ќе има ли звучни имиња познати за македонската јавност од политичката сфера?

Јас не би сакал да бидам неправеден кон определени луѓе, би бил и некоректен дел од тие луѓе да спомнам, а дел да не ги спомнам. Станува збор за луѓе кои не се претпознатливи на македонската политичка сцена од едноставна причина што не се бавеле со политика или се бавеле со политика, но во пониските ешалони и станува збор за врвни професионалци, луѓе кои што треба многу повеќе да ги охрабрам дека е моментот многу битен за државата и своето знаење, своето искуство... да го вложат во развојот на својата земја и многу ми е драго што во тоа успеавме бидејќи во изминативе години малку, да речам, умни луѓе се одлучуваа да влезат во политиката, третирајќи ја политиката пред се како валкана работа, а тие не сакаат својот професионален авторитет и кредибилитет да го стават за дневно политички цели и интереси. Значи, станува збор за луѓе кои што се оствариле во својата професија, можеби најдобри студенти, можеби земјоделци кои што се рекордери со производството со кое што се бават, бизнисмени кои ги донесоа најголемите странски инвестиции... Значи како структура апсолутно сите до пензионери се застапени во тој иницијативен одбор.

Љиљана Поповска за која се претпоставуваше дека ќе се приклучи на вашата партија се откажа од ваквата намера и истовремено ве обвини дека вие сеуште кокетирате со СДСМ и не ја исклучувате можноста во иднина да коалицирате со оваа партија?

Па видете, јас да не мислев дека оваа гарнитура што го каководи СДСМ треба да замине од власт, ќе си останев таму. Значи едноставно не се согласував со една таква политика. Инаку за несогласувањето со Љиљана Поповска вистината е сепак таа која што ја соопшти за некој медиум, а тоа е дека ние сепак се разликуваме идеолошки во смисла, независно што не се претпознатливи идеологиите на нашите политички партии, таа сепак од самиот свој политички ангажман ги застапува интересите на условно речено ако во Македонија тоа го има, крупниот капитал. За разлика од неа на пример, мојата целна група заедно со луѓето со кои решивме да содадеме нова партија е работништвото, средниот слој. Луѓето кои што живеат од свој личен труд, кој што се вратени во првобитниот капитализам чија експлоатација е безмилосна, луѓето што едноставно неможат да ,,врзат,, месец со месец и сметаме дека доколку успееме да го ревитализираме тој т.н. среден слој во Македонија можеме да говориме за едно стабилно општество. Значи, станува збор за сепак мали, но суштествени разлики околу политичкиот приоритет и околу целните групи на она што е за Љиљана Поповска и луѓето со кои таа формира партија, и луѓето кои размислуваат слично како јас и со кој одлучивме да формираме партија. Така да не станува збор дека главен проблем е коалицирањето. Јас реков и тогаш на прес конференцијата кога ме прашаа, дали ќе коалицирате дури и со СДСМ?! Мислам дека сакам да останам коректен пред македонската јавност, неможете никогаш од напред да кажете каква констелација на односи ќе се формира во Парламентот и вие мора да го почитувате тоа како реалност. Нешто што се случи во Германија, незамисливо беше да коалицираат ЦДУ и СДП, но се случи заради државните интереси на Германија. 2002-та година водевме кампања во рамки на Коалицијата За Македонија заедно, дека нема да има никаква коалиција со ДУИ, па се случи веднаш после изборите да направиме коалиција со ДУИ. Значи, неможам да кажам никогаш, бидејќи го политиката тоа го има, и ако кажам сега дека се исклучува СДСМ од секаква акоалиција, а утре распоредот на силите во Парламентот биде таков да морам да ги почитувам државните интереси бидејќи мора да има Влада во Македонија, а да сепак коалицирам, ќе бидам недоследен и дури тогаш би испаднал лажливец.

Која е вашата идеја, како мислите да ги привлечете гласовите на македонските избирачи во моменти кога според последните анкети се покажува дека огромен е бројот на незадоволните и тие кои што мислат да апстинираат?

Видете политичката партија која што ја профилираме во фокусот на својот интерес, како што е случај со сите Социјалдемократски партии во светот е еднаквоста и социјалната правда. Во Македонија особено последните години, партија која се декларира за лево ориентирана СДСМ, предлага закони во врска со работниот однос или правата на работниот однос, па ако сакате образвоанието, здравството, значи обврски од социјалната сфера, каде што сите Социјалдемократски партии во Европа одат кон проширување на работниот однос, а кај нас имате рестрикција на правата. Значи еве тоа е од прилика нашата целна група и тие се прашањата околу кои ќе се фокусираме и се разбира дека ќе ги убедиме на таа основа граѓаните како избирачи сепак да излезат на избори, бидејќи Влада секако ќе има, меѓутоа нема да биде по мерка на мнозинството граѓани. Нема да гласаат за ниту една партија некаде околу 50% од избирачите, тоа во услови на сериозни реформи за доближувањето до ЕУ и НАТО ќе биде практично делегитимација на државата. Мислам дека треба да се ангажираат сите потенцијали со кои располагаме како држава, да се мотивираат да излезат и да кажат сепак од оваа понуда која се зголемува на македонскта политичка сцена, кои се тие кои сепак ќе ја донесат Македонија до посакуваната цел.

На крај г-дине Петковски, како и дали е можно да се внесе нова крв и свежина во македонската политика, со ако може така да ве наречеме, стари политичари односно луѓе кои што ,,бегаат,, од актуелни политички партии кои и се веќе познати на македонската јавност?

Па не. Мислам дека во принцип неможете да очекувате од стари луѓе нова политика, меѓутоа ако се спои искуството со младоста, знаењето, со способноста на младите луѓе и новите идеи, ако успеете да ги мотивирате мислам дека успехот нема да изостане.
XS
SM
MD
LG