Достапни линкови

Причините се во лошата продажба, велат познавачите


Единствен рудник од Македонија кој се наоѓа на светските берзи е Бучим. За жал само тој и работи иако сега цените на тешките метали на светските берзи го достигнаа рекордот. Заменик генералниот директор во Бучим Николајчо Николов вели дека тие се конкурентни на берзите, затоа што нивниот бакарен концентрат е чист и квалитетен:

„Бакарот котира на светската берза. Ние како Бучим, произведуваме бакарен концетрат, од него се добива бакар и злато, кои котираат на светската берза и за наша среќа тие бележат високи цени, највисоки во поблиската историја. Сегашната цена на бакарот ја надмина цената од 4 300 долари, што е цена што нас не задоволува во овој момент. Златото исто така расте и очекуваме дека цената и понатаму ќе расне затоа што рудни резерви на бакар во светот има малку и ограничено.“

Во Бучим истражени рудни резрви има за уште околу десетина години. Побогати пак, со тешки метали се рудниците Тораница, Саса и Добревово, вели геологот Гуте Младеновски и додава дека според него има повеќе причини зошто тие се затворени:

„Во светски рамки гледано во 80-тите години, Македонија произведуваше 2% од вкупното производство на олово и цинк во светот. За жал денеска овие три рудници, се затворени. За овие рудници убеден сум дека има големо влијание политиката. Не може преку ноќ да се смени состојбата во геологијата и во цените на пазарот за да биде еден рудник, кој важеше за европски и светски, а тоа е рудникот Саса и одеднаш тој рудник да не е рентабилен и да се затвори. Причините може само да се нагаѓаат, за кој јас не би сакал да зборувам.“

Овие три рудника пак Владата веќе ги продаде. Саса е во сопственост на англсиката Ром Трејд која го поседува и Бучим. Николов, вели дека сега се наоѓаат во фаза на рестартирање на Саса. Тораница и Добревово пак, иако се веќе продадени никогаш не почнаа со работа. Познавачите велат дека причината е лошата продажба на погрешни луѓе. Единствениот рудник кој работи, Бучим за многу кратко време успеа да постигне позитивни резултати во работата. Иако стартува пред 7 месеци, сега во него работат околу 520 луѓе. Геологот Младеновски смета дека нашите рудници може лесно да се вратат во живот, а рудите да котираат на светските берзи затоа што Македонија е богата со квалитетни метали.
XS
SM
MD
LG