Достапни линкови

logo-print

Македонија ги следи препораките на СЗО


Не е прашање дали ќе има пандемија на птичји грип или не, прашањето е само денот кога тоа ќе се случи, заклучија светските експерти на тридневниот состанок во Женева организиран од Светската здравствена организација, Светската банка и неколу други меѓународни организации. И Македонија со своја делегација учевствуваше на состанокот. Марија Кишман од канцеларијата на СЗО кај нас, ги потенцира главните препораки кои произлегле:

„Потребна размена на информации помеѓу државите во врска со видовите на вирусот на птичји грип, со цел да се обезбеди датотека на вирусот за соодветна подготовка на вакцина. Втора работа е дека клучната активност е во ветеринарниот сектор, односно во обезбедување на активности за задршка на можните епидемии во соработка со здравствениот сектор. Третото прашање се однесува за обезбедување залихи за државите, од страна на соодветните антивирусни лекови.“

објаснува Кишман.
Иако на почетокот на месецов светската референтна лабораторија во Вејбриџ утврди дека кај нас нема птичји грип, сепак меѓу населението постои паника. Луѓето никогаш порано не биле толку заинтересрани за вакцинација против хуманиот грип. Директорот на бирото за лекови Ромил Санџаковски надлежен за залихите кај нас, вели дека тие ги следат препораките на СЗО и дека состојбата е под контрола:

„Ние веќе имаме договор за 100 000 вакцини кои треба да пристигнат до 15-ти декември. Тоа значи не е само потреба која ќе се искористи од населението, туку имаме и дел резерви.“

И лекот “Тамифлу“ на Швајцарската компанија Рош кој според експертите е најефикасен, Македонија веќе го има обезбедено:

„Имаме 1000 кутии, што е сосема доволно бидејќи ние немаме регистрирано птичји грип.“

За препораките од состанокот кои се однесуваат на ветеринарниот сектор за кој Кишман потенцираше дека е клучен за справување со опасноста од птичји грип преставникот во македонската делагација ветеринарот Тони Киранџиски објаснува:

„Македонија во голем дел е подготвена со сите овие препораки, се разбира дека ќе биде потребна помош од страна на некои странски донатори и меѓународни организации, во набавка на одредена опрема за екпите на терен како и лабораториска опрема.“

На состанокот во Женева учествуваа 100 земји со повеќе од 600 делегати. Алармот на светско ниво за можна пандемијата се појави откако вирусот Х5Н1 е откриен во живинита во неколку европски земји, а во Азија веќе однесе 64 човечки животи.
XS
SM
MD
LG