Достапни линкови

По одлуката на Европската Комисија, останатото зависи од нас


Одлуката на Европската комисија за Македонија претставува сатисфакција, охрабрување и одговорност, рече претседателот Бранко Црвенковски во контекст на позитивното мислење со кое за Македонија се предлага доделување на статус кандидат за членство во Европската унија.

„Сатисфакција за се што беше досега беше направено, охрабрување за со уште поголема посветеност и енергија да се продолжи во ист правец и одговорност за спроведување на преземените обврски и упатените препораки. Од овој момент работите зависат од нас.“

Одлуката е силен сигнал и за меѓународната јавност за високиот степен на државотворен капацитет и демократски потенцијал, изјави Црвенковски. Тој и со порака до Владата:

„Со уште поголем елaн и ентузијазам, воља и енергија во наредниот период да ги спорведува веќе отпочнатите реформи, бидејќи тие се битни и за поуспешно спроведување на сите критериуми кои стојат пред нас, но исто така тие се битни и за самите нас, за подобар живот на нашите граѓани. Оваа Влада има капацитет за тоа, јас сум убеден дека и секоја друга наредна Влада го има истиот капацитет.“

Ова е само еден логичен чекор на Европската унија, фаза која следи по доставените одговори на европрашалникот, истакна шефот на македонската држава кој во врска со првиот можен термин за закажување на дата за преговори, есента 2006 за кога се планира следниот извештај за земјава посочи:

„Мислам дека е сосема во ред не само за Владата, туку и за сите нас во Македонија тоа да го проектираме како наша посакувана цел и да направиме се за тоа да се оствари.“

За прашањето за уставното име Република Македонија кое е споменато во политичките критериуми на мислењето Црвенковски рече:

„Спорот со Грција е билатерален спор тоа не претставува дел од политичките критериуми за влез во ЕУ, дефинирани во Копенхаген, ниту пак може да претставува пречка за нашата земја, доколку ги исполни сите неопходни други предуслови да ја постигне својата цел. Пораката која што во извештајот провејува, а тоа е дека Македонија треба да гради добри односи со сите свои соседи, е нешто од кое ние никогаш не сме се откажале и треба да биде наш приоритет.“
XS
SM
MD
LG