Достапни линкови

logo-print

Наместо за конфликти, Македонија сега расправа за ЕУ и НАТО, велат европските дипломати


Македонија направи голем чекор кон спречување на конфликтот од 2001 година со потпишувањето на Рамковниот договор кој преставува европски модел и може да биде пример за целиот регион. Но, за превенција на конфликти потребно е да се исполнат и други услови-рече министерот за надворешни работи Илинка Митрева на отварањето на регионалната конференција за превенција на конфликти преку интеграција:

„Стабилноста е предуслов за отварање на јасни перспективи за економски развој на Балканот, но и обратно, недоволниот раст, бавниот прилив на странски инвестиции, невработеноста и социјалната загрозеност и натаму ќе оставаат простор за загриженост“.

Но сепак таа потенцираше, за да се спречи било каква опасност за стабилноста неопходна е соработка во регионот и пошироко.
Специјалниот преставник на Европската Унија Ерван Фуере пак, потенцираше дека за да знаеме како да се справиме со можни конфликти треба да погледнеме кон минато и да учиме од него.Тој пренесе и пофалби од Хавиер Солана за напредокот кој го има земјата зошто како што вели, само пред неколку години во Македонија се распараваше за конфликтот, а сега за влезот во ЕУ и НАТО интеграциите:

„Ако ја погледнеме мината историја на процесот на европска интеграција може да се види дека пристапот кон решавање на конфликтите беше разнолик. Ние меѓународната заедница можеби не реагиравме секогаш како што треба, но од минатото научивме и успеавме да направиме некои конкретни решенија. И како што вели Крис Патен бевме во состојба да бидеме по ефикасни.“

рече Фуере и додаде дека единствено место на Македонија вклучувајќи ги и другите балкански земји е во зедницата со ЕУ:

„За неколку дена Европската комисија ќе ја презентира својата оценка и стратегија за проширување на Балканот, не само за оваа земја туку и за целиот регион. Оценката која ќе ја презентираме ќе биде сеопфатна и токму тоа е ефективната улога на Европската комисија затоа што ќе се заснова на многу детални информации од повеќе сегменти на општеството и од меѓународните преставници. Нема сомнеж дека ќе биде одраз на прогресот кој што го направивте, но и ќе ги забележи сферите во кои треба да работите. Земјата мора да биде подготвена за најдетална контрола која досега и се случила“.

потенцираше Фуере.
На конференцијата која започна денеска, а ќе трае и во текот на утрешниот ден меѓу другите ќе се обратат и амбасадорот на Соединететите американски држави Џилијан Милованович, амбасадорот на Велика Британија, Роберт Чатертон Диксон и генералот на НАТО Денис Блис.
XS
SM
MD
LG