Достапни линкови

logo-print

Иџет Мемети, Народен правобранител. Граѓаните најмногу се жалат на судската власт и работата на полицијата


Г-дине Мемети како народен правобранител имате или конечна слика за тоа на што најповеќе се жалат граѓаните?

Гледајќи низ призмата на бројките продолжува тој тренд на поплаки на граѓаните и тоа со следната карактеристика, како и 2004-та година само што оваа година со многу поголем обем на преставки, судската власт е една од тие пунктови каде најповеќе се жалат граѓаните. Потоа следи извршната власт, во делот на работата на полицијата, во делот на имотно правните работи, поготово во делот на спроведување на законот за денационализација, што почна да станува ,,рак рана,, за граѓаните во однос на неспроведување на законот. Понатаму следат социјалните случаи не изостанува во овој дел и сообраќајот и врски, односно поплаките на граѓаните во делот на уредувањето на градежното земјиште, затворските власти, односно воспитно-поправните установи, работните односи итн.

Рековте дека вашата институција бележи пораст во поглед на поплаките од граѓаните, можете ли во бројки да ни го илустрирате тоа?

Во споредба со минатата година на денешен ден, лани сме имале 1 500-тини отворени преставки, а на денешен ден годинава имаме 2 200, тоа значи за околу 700-тини во број е зголемен бројот на предметите што ги работиме или во проценти тоа изнесува 35-40%, а со самото тоа е зголемен бројот на граѓаните што се јавуваат во оваа институција.

Почетокот на вашиот мандат помина во знак на случајот со злоупотребата на службената должност од страна на неколку судии, што имаше и конкретни резултати. Бележите ли подобрување на состојбите во оваа сфера?

Мене ме радува што таа наша иницијатива, не остана без ефект, од причина што до крај беше спроведена постапката од страна на Републичкиот судски совет. Мислам дека претседателот на Апелациониот суд во Штип поднесе оставка, а судијата за кого лично се однесуваше тоа, веќе не е судија. Бројот на поплаките постојано расте, сметам дека тоа се должи на довербата на граѓаните кон оваа институција, а забележливо е дека во источниот дел на Македонија граѓаните имаат впечаток дека судството е власт над кој нема друга контрола, судството е власт која нема контрола... Од кога се случи моето јавно истапување и ефектот што ви го кажав, драстично се зголеми бројот на преставките кој и ден денеска ,,тече,, во тој број. Значи се случи една поголема раздвиженост и во разговорите со граѓаните се сознава дека нив нешто ги мачи, тие не се задоволни и немаат доверба до крај во таа власт, поготово во делот што значи квалитетно одлучување на таа власт. Така да еден голем број на преставки кои ни доаѓаат од граѓаните, ние не сме надлежни за тој дел и од почеток не отвараме постапка, но тоа треба да не загрижува затоа што граѓаните навистина немаат доверба и сметаат дека не само во делот на ефикасноста, туку и во делот на квалитетно одлучување при делење на правдата, нешто не е во ред. Треба да се подобрува квалитетот во делењето на правдата, односно поедноставно да кажам, бараат поголема правичност во судските постапки.

Пред извесно време исто така посочивте и неколку случаи на злоупотреба на должноста и пречекорување на овластувањата од страна на припадници на МВР што предизвика остри реакции од оваа институција. До каде е разврската на овие случаи?

Очекуваме разрешница, односно очекуваме Јавното обвинителство да донесе обвинителска одлука по однос на тие случаи. Јас сум сигурен дека Обвинителството ќе донесе одлука и ќе ги увиди елементите за кривичното дело и ќе бара спроведување на истражна постапка пред надлежен истражен судија. Меѓутоа друго сакав да ја информирам јавноста што се однесува за оваа област, значи работата со полицијата. Мојата институција има соработка со МВР, кога станува збор за размена на информации и помош при истрагите во делот на граѓанските состојби, таму немаме никаков проблем, меѓутоа загрижува што таа се одолжува кога станува збор за делот на примената на присилните средства и огненото оружје. Јас и во препораките кажав дека задолжително во Македонија тоа прашање треба да се уреди со закон и тоа треба да биде законска материја. Со тоа ќе се постигне поголема транспарентност, граѓаните ќе знаат кои се ингеренциите на полицијата во однос на примената на силата. Загрижува соработката во овој сегмент, затоа што самиот сектор за внатрешна контрола е должен да ги истражува пречекорувањата на овластувањата, и самиот да презема мерки. Таа во досегашниот дел ги избегнува, ги штити прекршителите на човековите права и едноставно смета дека има монопол над информациите и сите ги смета дека се класификувани информации, што не е така. Дури и да е така мојата институција мора да има достап до таквите информации за до крај да ги истражува работите и да може да ја остварува функцијата.

Меѓу другото припадниците на МВР ве обвинија дека имате селективен пристап на предметите. Можете ли да посочите од која заедница граѓаните највеќе се жалат?

Ова мора да го знае македонската јавност, дека институциите на системот и органите, мора да се натпреваруваат, мора да ја обавуваат својата надлежност и функција согласно законот и тоа е владеење на правото. Се друго, замолчување, нереагирање, значи нефункционирање на системот. Мојата институција води постапка и за се има факти. Не е одбрана само да се каже дека се работи за политичка изјава или има селективен пристап, да се тргне вниманието на јавноста кон нешто друго, односно затоа што Мемети е на оваа функција и затоа што е припадник на одредена заедница. За воља на вистината во мојата институција податоците покажуваат сосема нешто друго, поголемиот број на граѓаните што се жалат на малтретирање од полицијата, се од македонската, а не од албанската заедница.

Имајќи го во предвид сето ова значи ли дека не е најдобра соработката со институциите од извршната власт?

Има и други пунктови каде има проблеми во однос на соработката. Не доброто сваќање во однос на институцијата Народен првобранител. Не случајно јас препорачувам дека системот ни е добар, но треба да се менува нивото на прифаќање на институциите на државата, значи свеста и менталитетот е во прашање. Се согласувам дека ни треба време, но мора да се работи на подигнување на свеста. Затоа што крајна цел и на мојата институција е развиток на демократското општество. Видете, МВР во секое време може да каже дека одговараат на моите барања, не сум јас служба за преставки за тие да одговараат на моите барања, туку јас сум орган овластен и по Устав и по закон да ги истражувам сите нивни постапки, без разлика која е доверливоста на податоците и информациите итн. Јас додека сум на чело на оваа институција, до крај ќе ги црпам сите мои законски можности за да го спроведам законот и да барам од другите исто така да ги спроведуваат законите.
XS
SM
MD
LG