Достапни линкови

Македонија напредува кон ЕУ и НАТО


Македонија направи напредок во спроведувањето на реформите потребни за членство во НАТО и ЕУ, изјави американскиот претседател Џорџ Буш по средбата во Белата куќа со македонскиот премиер Владо Бучковски:

„Знам дека ова прашање е многу важно за вас и затоа благодарам што ги разменивте вашите размислувања со мене",

рече Буш.

Американскиот претседател го оцени како импресивен и напредокот што Македонија го направила во спроведувањето на Рамковниот договор.

„Покажавте дека луѓе со различно минато и култури можат да живеат заедно",

истакна Буш.

Американскиот претседател се заблагодари за учеството на Македонија во антитерористичката коалиција, предводена од САД и за придонесот на македонските војници во мисиите во Ирак и Авганистан.

Македонскиот премиер Владо Бучковски рече дека со претседателот Буш се согласиле дека Македонија успешно гради стабилна мултиетничка демократија на Балканот.

Бучковски се заблагодари за американската поддршка, особено при имплементацијата на Охридскиот договор, како и за американското признавање на уставното име на Република Македонија.

Тој истакна дека Македонија останува дел од антитерористичката коалиција.

„Македонските војници ќе останат во Ирак и во Авганистан се додека е потребно",

рече Бучковски.

Претседателот на македонската Влада додаде дека Македонија ќе игра позитивна и конструктивна улога на Балканот, особено сега кога Белград и Приштина со посредство на меѓународната заедница ги почнуваат преговорите за идниот статус на Косово.

Премиерот Бучковски, по средбата со претседателот Буш, во Пентагон ќе разговара и со секретарот за одбрана на САД Доналд Рамсфелд.
XS
SM
MD
LG