Достапни линкови

Силна поддршка на македонските аспирации за НАТО и ЕУ


Портпаролот на Стејт департментот Адам Ерели оцени дека американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и македонскиот премиер Владо Бучковски имале, како што рече, добар состанок на кој разговарале за многу прашања, вклучувајќи го и задоволството од десетгодишнината од воспоставувањето на целосните дипломатски односи меѓу Соединетите Држави и Македонија.

„Тие го поздравија зацврстувањето на американско македонските врски и се согласија да го продолжат нивното продлабочување во иднина. Разговарано е и за напредокот што го направи Македонија во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и во реформските чекори на патот кон евроатлантската интеграција. Притоа, секретарот Рајс ја нагласи силната поддршка на македонските аспирации за НАТО и Европската Унија.“

Изјави Ерели, додавајќи дека на средбата станало збор и за американско македонската соработка во глобалната војна против теророт.

„Му заблогодаривме на премиерот за македонскиот драгоцен придонес во сојузничките операции во Ирак и во Авганистан. Двете страни се заложија да продолжат да работат заедно со цел унапредување на мирот, стабилноста и развојот на Балканот.“

Портпаролот на Стејт Департментот Ерели додаде дека на средбата Рајс Бучковски не се разговарало за разликите меѓу Македонија и Грција околу името, ниту пак за последниот предлог на посредникот Метју Нимиц за решвање на спорот.

„Прашањето со името е нешто што треба да биде решено преку преговорите меѓу страните што се водат под закрила на Обединетите нации. “

Изјави Ерели кој на новинарско прашање дали Вашингтон поддржува Македонија да стане членка на НАТО со сегашното име без тоа да биде променето рече:

„Прашањето како што е интеграцијата во НАТО и Европската Унија е во функција на тоа што Македонија прави да ги исполни условите за членство. “

Изјави портпаролот на Стејт Департментот Адам Ерели, наведувајќи дека американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и македонскиот премиер Владо Бучковски разговарале и за Косово при што потенцирале дека решавањето на ова прашање треба да се одвива преку преговарачкиот процес под покровителство на Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG