Достапни линкови

Започнување на разговорите за статусот на Косово


Советот за Безбедност синоќа едногласно реши да почнат разговорите за статусот на Косово. Се оценува дека тие ќе бидат од клучно значење за иднината на протекторатот и регионалната стабилност.

Предизвикот со кој сега се соочуват преговарачите е голем. Лидерите на албанците на Косово не се согласуваат со ништо помалку од независност, додека за Србија, Косово е нејзин составен дел.

„Сите прашања мора да бидат решени во рамките на оваа земја со почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и Црна Гора. Не знам колку пати е ова повторено, но на овие зборови се базира мирот и стабилноста на целиот свет, нешто на кое лежи целиот светски поредок и на што се базирани Обединетите Нации.“

изјави српскиот премиер Воислав Коштуница за државната телевизија во Белград по синоќешната одлука во Њујорк. Српкиот претседател Борис Тадиќ пак оцени дека просторот за одбраната на српките интереси е стеснет поради наследството што го остави режимот на Милошевиќ. Премиерот на Косово Бајрам Косуми и косовските институции ја поздравија одлуката на Советот за Безбедност за почеток на преговорите. Независно Косово, рече Косуми, ќе биде пример на соживот и граѓанска демократија. Косуми во интервју за Ројтрес претходно вчера рече:

„Белград никогаш нема да го има правото да решава за иднината на Косово. Ако Белград се прашуваше, Косово денеска можеби немаше ни да постои.“

Со таквите спротивставени ставови почнуваат разговорите за Косово виртуелен протекторат на Обединетите Нации од 1999 година. Сегашниот администартор Сорен Јесен Петерсен притискаше на реформите на Косово но и на преговарачкиот процес.

„Сите ние знаеме какви се позициите на Белград и на Приштина за статусот на Косово, а тие ќе останат такви се додека не се реши прашањето со меѓународно менаџирање на процесот. И што побргу тоа се направи, тоа ќе биде подобро за граѓаните на Косово и за целиот регион.“

Соединетите Држави и западните европски сојузници во Советот за безбедност сметаат дека преговорите за Косово ќе започнат до крајот на оваа година.
XS
SM
MD
LG