Достапни линкови

Роберт Чатертон Диксон, амбасадор на Велика Британија во Македонија. Македонија има многу добра европска перспектива


Амбасадоре, по започнувањето на преговорите помеѓу Европската Унија и Турција и Унијата и Хрватска, како ја гледате европската перспектива на Македонија?

Мислам дека Македонија има многу добра европска перспектива. Европските лидери ја истакнаа европската иднина на Западен Балкан во Солун 2003 год. Таа обврска ја потврдија во Европскиот Совет во јуни оваа година, и јасно е дека обврската за европската иднина останува солидна. Исто така јасно е дека ентузијазмот за натамошно проширување на Европската Унија е прилично ограничен, по референдумите во Холандија и Франција. Сакам да потенцирам дека прагот за членство се уште не е постигнат но доколку сакаме да добиеме консензус за понатамошно проширување на ЕУ помеѓу постоечките земји треба да покажеме дека не ги компромитираме стандардите што земјата треба да ги постигне за да стане член. Тоа значи дека Владата, државните институции и граѓаните имаат огромна одговорност да ги направат потребните промени со кои ќе покажат дека Македонија е трансформирана во модерна европска земја, подготвена да се придружи на Унијата. Перспективата останува силна, но огромна е одговорноста овде да се направат промените со цел да се биде подготвен за ЕУ.


Генерално, кои се најважните работи што Македонија треба да ги направи со цел да стане дел од големото европско семејство?

Има три работи што треба да се кажат за ова. Првата е дека имаше голем политички прогрес. Мислам дека сите во Унијата го препознаваат и почитуваат прогресот што е постигнат по кризата од 2001. А посебно прогресот што е направен со имплементацијата на законите што се бараа од Охридскиот рамковен договор. Тоа е огромен успех, тоа е пример за целиот Балкан дека може да функционира мултиетничка држава. Промените кои сега треба да ги направи Македонија цврсто, за да стане дел од Унијата, се две клучни работи. Првата е административниот капацитет на земјата, тука мислам на развивање на модерно граѓанско општество што може да ги имплементира одлуките на Владата на ефективен начин. Тоа е првата работа. Втората е она што се нарекува судство и агенда на домашни работи што го вклучува владеење на правото, правниот систем и акции што водат кон развој на модерно судство и агенда на домашни работи на европско ниво. Мислам дека има потреба од многу промени. Владата започна со реформи во судството, обидувајќи се да докаже дека владее правниот систем и со реформи во полицијата, но треба да се направи уште многу прогрес. Она што мислам дека меѓународната заедница сака да го види се многу добри планови и законодавство кои ќе бидат поддржани со имплементација и ефектно спроведување на новите закони.

Дали спорот со името што Македонија го има со нашиот јужен сосед Грција, може да го забави процесот на интеграција во ЕУ?

Имам две работи што сакам да ги кажам за ова. Прво. Ние како Британија сме пријатели и на Македонија и на Грција и многу би сакале да го видиме овој проблем решен. Мислиме дека суштинско е Македонија и Грција сериозно да соработуваат со специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц. Мислиме дека е многу добро ако овој проблем се реши, зашто одзема многу дипломатска енергија, која би можела да се искористи за други прашања. Што се однесува до вашето прашање дали тоа би го забавил процесот на интеграција во Унијата, ние се надеваме не. Зошто јасно е од Времената спогодба од 1995, според која Грција се обврзува дека нема да го блокира прогресот на Македонија кон меѓународните организации спроведувајќи го привременото. Решение и сметаме дека е многу важно да се прави разлика помеѓу спорот околу името, што е билатерален спор, и прашањето за евроинтеграција што е многу важно за Македонија и целиот регион.

Амбасадоре, може ли решавањето на конечниот статус на Косово на каков било начин да влијае врз Македонија?

Мислам дека секоја земја во ова соседство има интерес да се погрижи дали сите граѓани може да живеат мирно со владеење на правото. Очигледно, сега имаме ситуација во која следејќи го извештајот за Косово, генералниот секретар на ОН препорача дека треба да се финализираат преговорите за конечниот статус и ние мислиме дека е тоа добро. Се надеваме дека процесот ќе се заврши многу брзо што ќе овозможи сегашните теми, посебно оние поврзани со заштитата на малцинствата, да бидат решени, а тоа ќе заврши со формален конечен статус што нема да ги помести поставените граници и ќе ја онеспособи можноста со правниот систем на Косово да владее мнозинството што живее таму. Ако тоа се постигне , тоа е добра вест за луѓето од Косово , а исто така е добра вест и за Македонија.

Ја извршувате функцијата амбасадор на Велика Британија во Македонија. Како ги оценувате односите меѓу двете земји?

Мислам дека односите меѓу двете земји се одлични. Ние сме поддржувачи на Македонија од првите денови по независноста, бевме меѓу првите што ја признаа оваа земја, го признавме уставното име во 1999, работевме заедно со македонската влада за време на кризата од 1999, бегалската криза, дозволивме интервенција што доведе до крај на конфликтот од 2001. Имаме голема историја на добри односи и во моментов тие се на највисоко ниво. Нашиот министер за Европа Даглас Александар беше тука минатиот месец. Премиерот Бучковски се сретна со премиерот Тони Блер во Брајтон пред две недели. Значи имаме многу добри односи кои вклучуваат средби на високо ниво, но и секојдневни работни средби кои оваа амбасада ги спроведува со македонската влада.

Каква е вашата оценка за економската и политичката ситуација во земјата?

Од годините по конфликтниот период во 2001кога Македонија беше во посткризен период, сега е во напредна фаза и е блиску до придружувањето на клучните институции на ЕУ и НАТО. Мислам дека сепак треба да се потенцира потребата од реформи и од имплементација на истите, за да бидете блиску до ЕУ и НАТО. И ние навистина ги охрабруваме Владата, луѓето, сите овде во Македонија да ги спроведат реформите со цел вашиот евроатлантски сон да стане реалност.

Дали македонскиот пазар е интересен за британски инвестиции и во таа насока што треба да се направи за да се подобри бизнис климата во земјата?

Да, веќе има три големи компании, индустријата за цигари е одржлива британска инвестиција, има големи британски инвеститори во осигурителниот сектор и челичната индустрија. Британските компании се веќе тука и обезбедуваат работни места и и помагаат на економијата да функционира. Мислам дека повеќе британски компании ќе бидат заинтересирани за овој пазар, ако се подобри бизнис климата. Тоа не враќа на поентата од пред малку, поврзана со реформите во судството и агендата на домашни работи, зашто јасно е дека ако компаниите дојдат тука ќе сакаат да бидат заштитени од судскиот систем и дека ќе добијат брзо судско решение за некој спор. Во моментов искуството на британските компании не е охрабрувачко и затоа судските реформи се многу важни за подобрување на бизнис климата во оваа земја. Исто така мислам дека се важни и административните реформи за компаниите да дојдат, да склучат брз и ефективен договор со Владата, да добијат брзо решение од судот, ако им треба. Тоа се потребните работи. Значи се враќаме на агендата за реформите која е потребна за членство во ЕУ и НАТО, но кои се исто така добри и за економијата и за земјата. Значи како што реков веќе има инвестиции, но има и потенцијал за повеќе, но суштинското барање е подобрување на бизнис климата, административниот и судскиот систем.

Како ги коментирате односите помеѓу земјите членки внатре во Унијата, од аспект на тоа што една земја членка преферира проширување на Унијата со некоја земја, која пак не и одговара на некоја друга земја членка. Пр. Австрија ја преферира Хрватска во однос на Турција?

Европската Унија дејствува со консензус. Очигледно е многу добро тоа што на почетокот на минатата недела постигнавме консензус за започнување на преговорите со Турција. Тоа беше голем чекор напред за Унијата, но и голем чекор напред за Турција. Често во Унијата има големи кавги и знаете нема секогаш согласност внатре во Унијата, зашто често темите што се важни се и многу тешки. Но на крајот ЕУ се согласи да започне преговори со Турција и Хрватска, а тоа е голем чекор напред.
XS
SM
MD
LG