Достапни линкови

logo-print

Трифун Костовски, градоначалник на Скопје. Mожно e формирање на партија пред парламентарните избори


Г-дине Костовски што се смени во градот во изминативе три месеци. Досега слушавме дека градската каса ја наследивте со долгови, но на што во меѓувреме се потрошија парите и колку пари се потрошија за Скопје?

Направивме една комплетна анализа на буџетот на Скопје. И направивме една финансиска дисциплина и успеавме дел од побарувањата да ги отпишеме, односно добавувачите се откажаа од дел од нивните побарувања, направивме репрограмирање на старите побарувања и од тогаш градот месечно ги сервисира своите обврски и во меѓувреме успеавме да ги затвориме пред се Транспортниот центар кој беше 40% завршен и за неполни три месеци успеавме да го довршиме и да го пуштиме во функција, за што сметам дека тука беа апсорбирани голем дел од средствата. Исто така, што можеби не е видливо за обичните луѓе, успеавме да ги затвориме комуналните обврски за приклучоци од 2003-та и 2004-та, а сега ќе ги затвораме комуналните приклучоци за 2005-та година. Со оглед на тоа, средства имало, и тие се искористени наменски, исклучиво за потребите на граѓаните.

Дали како градоначалник сте моќен само да работите на поправање на улиците во градот или имате визија за една поинаква слика на Скопје, која што излегува од клишето на кое што се сведува функцијата на градоначалникот?

Со моето доаѓање, мојата визија беше предвидена и во мојата програма и проекција за тоа што јас го гледам, во поглед на тоа, каков град ние сакаме. Меѓутоа објективно ние се соочивме не само со финансиски проблеми, туку и со наследени проекти кои се влечеа со години и ние се обидуваме во најкраток рок сите отпочнати проекти, независно од нивната функционалност или од тоа колку чинат, да ги затвориме, со цел да немаме незатворени работи, кои дефинитвно ги чувствуваат граѓаните на Скопје. Дека ние имаме визија за Скопје, апсолутно нема никакви двојности. Пред се сакаме да му дадеме еден урбан изглед на центарот, со оживување на градот Скопје од левата страна на Вардар. Така да во план за следната година и во буџетот, ние тие работи ќе ги предвидиме. Потоа довршувањето на Камениот мост, оживување на Старата чаршија во која што сакаме да дадеме нови димензии за тоа како да се развива, а секако и со носењето на одлуката на Советот на град Скопје за изградба на Градска куќа, што според мое мислење треба да биде на Кале. Тоа ќе значи дека придвижувањето на дел од урбаното живеење е и од таа страна на Вардар, што ќе ја потврди целта дека градското јадро се протега и на таа страна на Вардар и дека не е само по десната страна, туку ќе биде и по левата страна на Вардар.

Можете ли да ми кажете за овој капитален проект, како ќе се обезбедат пари за изведување на овој проект, односно колку тој ќе чини?

Тврдината Кале е огромен проект. Ние ќе одиме етапно, прво сакаме да ја лоцираме Градската куќа, но претходно сакаме арехеолошки да го испитаме тој дел, за конечно да ја имаме вистината за таа местоположба и ќе отпочнеме со изградба. Изградбата секако ќе оди на тендер, во кој ќе учествуваат најпознатите македонски архитекти, а можеби и од странство. Таа Градска куќа треба во себе да ја собере севкупната администрација и секако Советот на град Скопје. Тоа се објективни причини за Градската куќа да ја креираме, не како нам ни одговара, туку за едно идно Скопје кое треба да ги задоволи потребите за 2020-та, 2030-та година....

Дали вашето искуство можете да го исползувате во обезбедување на кредити, односно донации по пат на аплицирање со одредени проекти, како што работат градовите во светот. Бидејќи капитални проекти неможат да се реализираат само од буџетот?

Секако. Морам да кажам дека градот во овој период успеа да обезбеди преку комерцијалните банки, партнерите на градот Скопје, веќе ползуваат кредити кои се употребуваат во градежната оператива, во случајот на изградбата на Транспортниот центар, на улицата Гологанов, и наскоро ние ќе ги пуштиме во употреба, иако се тоа проекти кои морам да кажам со години наназад се влечеа и создаваа грда слика за градот Скопје. Ние сакаме тие грди слики што е можно поскоро да ги затвориме, но за сите тие работи ни се потребни време и средства. Новите проекти објективно може да се очекуваат за период од година до две, кога ќе можеме да ги промовираме, кога ќе најдеме конструкција и сите да ги затвориме и да ги промовираме како завршени проекти.

Инсистирате на вашата независност, но дали во водењето на градот политичките игри се спуштија на централно ниво. Вашите политички противници ве обвинуваат дека во Градската управа сте вработиле 60 нови луѓе. Колку тоа го чини буџетот на градот?

Градот веќе изготви нова систематизација, која треба да биде насочена согласно потребите и желбите на граѓаните и согласно тоа како ние гледаме на тоа, какво Скопје сакаме во еден иден период. Не велам дека таа систематизација е најидеална, но таа ги перцепира сите неопходни служби кои ќе бидат во функција на градот, и објектино нам ќе ни требаат вработувања на луѓе кои ќе бидат од посебни области, со посебен придонес. Морам да кажам дека поучен од искуството, најмалку чини еден вработен, доколку тој умее да врати кон градот и кон граѓаните, со знаење и умеење. Ако е вработувањето на тие 60 луѓе, кои јас навистина неможам да ги видам, а што веќе циркулира во јавноста, би го сметал само како еден допринос во функционирањето на една нова администрација, која треба да биде многу пофлексибилна и поотворена кон граѓаните и нивен вистински сервис.

Меѓу оние што се назначени на функциите, фигурираат и имиња на членови на политички партии?

Да ви кажам, во земјата практично се е партизирано и ние неможеме да се ослободиме од тој комлекс дека било кое вработување треба да има партиски предзнак. Јас, во моментов при назначувањето на лицата на функции, дали во културните установи, во јавните претрпијатија, или во градската администрација, не беше политичката припадност основниот услов за нивното вработување, бидејќи тие луѓе се тука вработени пред се во интерес на граѓаните, во интерес на администрацијата, а во нивниот приватен живот можат и политички да се ангажираат, но тоа е веќе нивна приватна работа.

Дали е вистина дека пред парламентраните избори ќе биде формирана партија во која што ќе фигурира вашето име. Дури и Премиерот во едно интервју спомена, дека вашата партија може да биде фактор во партиското групирање на политичката сцена?

Формирањето на партија е можно, не ја исклучувам таа можност, но меѓутоа секако ќе има една ,,дебела,, анализа, дали тоа е неопходно потребно. Бидејќи факт е дека јас како независен кандидат, како градоначалник на Скопје, моето функционирање во изминатите месеци го почувствував како под една пресија на политичките партии кои се во Советот. И од тој аспект се наметна едно прашање, на кое лично морам да одговорам – за да можам да функционирам објективно, за да дадам вистински резултати за градот, а не да одговарам на политичките желби, можеби ќе биде неминовно формирање на една нова партиска опција во Републиката, која ќе се промовира можеби во еден близок период.

Во јавноста веќе се оперира со имиња кои се споменуваат како можни членови на оваа партија, како Тито Петковски и Љиљана Поповска?

Во моментов не е ниту разговарано со споменатите особи и навистина доколку се формира таа партија и доколку некои од тие личности се приклучат се добредојдени, но апсолутно со нив не е разговарано на таа тема, дека треба да се прави политичка партија.
XS
SM
MD
LG