Достапни линкови

Според времената спогодба Грција нема право на вето кон Македонија


Најавите за користење на вето од страна на Грција, при прием на земјава под поинакво име од референцата, се недипломатски, уценувачки и паничен начин за вршење притисок врз Македонија, вака аналитичарите ги коментираат грчките најави за вето кон земјава. Љубомир Фрчковски професор по Меѓународно право и поранешен шеф на диполоматијата оценува, Грција нема да биде во позиција да го стори тоа:

„Бидејќи во случај на решавање на проблемот со оваа последна формула предложена од Нимиц, Грција ќе биде соочена не само со проблемите од ЕУ туку практично со став на целокупната меѓународна заедница во ,,ликот,, на ОН. Многу тешко ќе и биде на земјата, да се спротивстави на една таква асамблеја на држави кои зазеле став и го решиле проблемот. Тоа ќе ја стави Грција во многу тешка позиција. Нејзините закани во последно време се исклучително груби и директни. Сето ова е повеќе израз на стравот дека формулата на Нимиц може да отиде директно во Советот за безбедност дури и со прекин на разговорите, како последно решение кое е прифатено од Македонија, може да помине во Советот за безбедност како конечно решение на проблемот.“

Според професор Димитар Мирчев, поранешен амбасадор, Грција мора да ја почитува Времената спогодба:

„Симболичото откажување не ги ослободува или амнестрира грците од придржување до таа Времена спогодба. Нема никаква основа особено од наша страна за да дојде до откажување од спогодбата.“

Грција објаснува Фрчковски има право на вето, бидејќи тоа постои како механизам во рамки на ЕУ, но спогодба тоа не и го дозволува. Таа и дава право само да протестира ако Македонија ја примат под поинакво име од референцата, но во друг член таа го забранува правото на блокада на приемот. Доколку се случи тоа, Грција може да одговара за кршење на спогодбата, според правилата на ОН бидејќи таа е меѓународен договор:

„Сигурно дека може да биде поведена процедура за кршење на билатерална спогодба.“

Аналитачирите забележуваат, Грција го менува ставот и заканата со вето. До појавата на предлогот на Нимиц, Грција се закануваше со вето, но ако Македонија не успее да го реши проблемот со името, значи се закануваше дури и за прием под ПЈРМ. Кога се појави предлогот на Нимиц тогаш го сменија ставот и се закануваат, ако приемот биде под било кое друго име освен референцата.
XS
SM
MD
LG