Достапни линкови

ЕУ ќе даде позитивно мислење за македонската апликација за членство


Продолжуваме да веруваме дека Европската Комисија ќе даде целосно позитивно мислење во врска со македонската апликација за земја членка за Европската Унија. Ова се наведува во најновиот извештај на Економист Интелиџенс Јунит за Македонија во кој се додава оти уверувањето е позитивно и покрај тоа што постои изразен ризик дека стартот на преговорите за членство ќе биде одложен.

Охридскиот договор е исполнет, но странските инвеститори сакаат повеќе реформи, пишува во анализата на Економист Интелиџенс Јунит во која се наведува дека премиерот Владо Бучковски обезбедил парламентарно одобрување на законот со кој се регулира јавното истакнување на знамињата на националните заедници, последен дел од Охридскиот договор. Владејачката коалиција во која доминираат СДСМ и ДУИ, како што се додава, се очекува да остане на власт до следните парламентарни избори, предвидени за кон крајот на две илјади и шеста година. Кон ова ќе помогне и немоќта на поголемите опозициони партии сериозно да ја предизвикаат владата. Од друга страна, СДСМ и ДУИ се соочени со пораст на внатрешни несогласувања кои во случајот со ДУИ водеше кон формирање нови партии, се наведува во извештајот на Економист Интелиџенс Јунит во кој се прогнозира дека порастот на бруто домашниот производ во идната година ќе остане околу четири насто, додека во две илјади и седма ќе биде четири ипол проценти. Инфлацијата ќе остане ниска според регионалните стандарди. Властите објавија амбициозна приватизациона програма за две илјади шеста, две илјади и седма година во која е вклучена и продажбата на Електростопанство на Македонија, како и ослободување на државните акции во телекомуникацискиот и банкарскиот сектор. Сепак, како што се наведува во написот, претстојните парламетарни избори го зголемуваат ризикот сето ова да биде одложено или пак променето. Но, меѓународниот притисок ќе продолжи да влијае врз економската политика. На први септември Извршниот борд на Меѓународниот Монетарен Фонд одобри три годишен аранжман кој заедно со заемот од Светската банка ќе ја обликуваат рамката на економската политика во Македонија. Тоа ќе вклучи структурни реформи на пазарот на трудот и во судството, како и подобрување на функционирањето на јавната администрација, се наведува во извештајот на Економист Интелиџенс Јунит.
XS
SM
MD
LG