Достапни линкови

Во Македонија се следи состојбата и нема место за паника


Во петокот, во Романија, беше забележан првиот случај на птичји грип, во Европа, по што соседна Бугарија ги зајакна мерките на границата, во обид да го спречи ширењето на болеста. Бугарските експерти се сомневаат дека земјата веќе е зафатена од вирусот, со оглед на фактот дека овој вирус е регистриран и во соседна Турција. Месото од Турција и од Романија веќе е забрането за увоз, во сите земји, но и кај нас. На прашањето има ли опасност птичјиот грип да ја нападне и Македонија, директорот на Ветеринарната управа, Слободан Чокревски одговара.

„Во моментов нема простор за паника. Да видиме што ќе биде со овие потврди од Турција и Романија, каде се наоѓаат, да направиме проценка дали има миграторни птици кои може да дојдат кај нас.“

Сепак, одредени активности се преземаат, како иницијатива на американскиот претседател Џорџ Буш, додава Чокревски:

„Бевме со министерот за земјоделство, во Вашингтон претседателот Буш има покренато иницијатива за партнерство на повеќе земји и ние бевме таму да го потпишеме тоа партнерство.“

А од Републичкиот Завод за здравствена заштита велат дека нивна надлежност се луѓето, а не птиците. Тие не упатија на информациите од сајтот на Заводот, каде последните податоци поврзани со птичјиот грип се од седми септември. Од орнитолошкото друштво, ни одговорија дека прв пат ќе се разговара на оваа тема на состанокот предвиден за в четврток. А од Центарот за управување со кризи, чија надлежност се елементарните непогоди и епидемиите, објаснуваат дека ја следат состојбата, но бидејќи Центарот е нов, кадровските и материјалните подготовки, не се завршени Вирусот на птичјиот грип Х5Н1 во 2003 година во југоисточна Азија усмрти 63 лица, а поради заразата, досега се убиени милиони птици. Експертите на Светската здравствена организација стравуваат од пандемија на болеста, доколу вирусот кој се појави во Романија и Турција, мутира во форма која што се пренесува од човек на човек.
XS
SM
MD
LG