Достапни линкови

Ирак е главниот фронт во војната против тероризмот


Ирак е главниот фронт во војната против тероризмот, изјави американскиот претседател Џорџ Буш во говорот во Вашингтон, посветен на анти-терористичката кампања по нападите на 11-ти септември 2001-ва година. Според него, никакви отстапки на Западот или пак промена на политиката, нема да придонесат за откажување на терористите од нивните деструктивни намери.

Во 40 минутниот говор, Џорџ Буш оцени дека исламистичките милитанти наликуваат на комунистите од времето на Студената Војна, кои сакаат да доминираат со поголемиот дел од светот и да ја наметнат својата радикална идеологија. Тие милитанти тврдат дека се борат за слобода, но всушност се убијци, и за сите проблеми ги обвинуваат Западот, а посебно Соединетите Држави и Израел, изјави Буш.

„Влијанието на Исламскиот радикализам е помогнато и од автократските режими, како што се Сирија и Иран, чија цел е исто така насочена против Америка, при што ја користат терористичката пропаганда за да ги оправдаат сопствените неуспеси.“

Буш повтори дека Ирак е во фокусот на војната против муслиманските екстемисти, оценувајки дека е подобро за американците да се соочат со нив таму, отколку на американска територија.

„Терористите го сметаат Ирак за централен фронт во нивната војна против човештвото, па и ние мора да го третираме Ирак како централен фронт во нашата борба против теророт.“

Буш соопшти дека од 11-ти септември, Западните сојузници досега спречиле најмалку 10 терористички напади на Ал Каида, од кои 3 биле планирани врз Соединетите Држави. Според американскиот претседател, Западот со ништо не придонел за да биде цел на напади на исламистичките милитанти, а ги отфрли и тврдењата дека нападите се интензивирани поради инвазијата врз Ирак. Буш на крајот оцени дека евентуалната промена на политиката на Западот, нема да придонесе за запирање на терористичките акции.

„Никаква концесија, подмитување или акт на помирување нема да ги смени нивните планови за убиства. Напротив, тие ги напаѓаат нациите за кои веруваат дека со насилство, можат да им го сменат однесувањето. Против таков непријател има само еден ефективен одговор и нема да прифатиме ништо друго освен целосна победа.“
XS
SM
MD
LG