Достапни линкови

logo-print

Започнаа преговорите за влез на Турција во ЕУ


По 43 години чекање, Турција рано изутрината ги започна преговорите за влез во Европската Унија, откако Австрија се откажа од инсистирањето Анкара да добие само специјално партнерство.

,,Ние штотуку направивме историја, и заедно го имавме првиот министерски состанок за почеток на преговорите со Турција.”

Изјави рано изутрината британскиот шеф на дипломатијата Џек Строу. Турскиот министер за надворешни работи Абдула Ѓул, кој допатува во Луксембург околу полноќ, изјави дека Турција ќе биде првата муслиманска земја што ќе и се приклучи на Унијата.

,,Турција го доби тоа што го сакаше, перспектива за полноправно членство. Друга алтернатива нема. Низ преговорите, Турција ќе се подготви за потпишување на конечниот договор за влез во Унијата.”

Почетокот на преговорите за прием на Турција во Европската Унија, Белата Куќа го оцени како многу значаен чекор во интерес на мирот. Портпаролот Син Меккормак.

,,Турција, цврсто втемелена во Европа, ќе биде значаен партнер во транс-атланското семејство. Соединетите Држави долго време ги подржуваат турските европски аспирации.”'

Сепак аналитичарите оценуваат дека ова е само почеток на еден долг преговарачки процес со Турција и оти нема гаранции дека таа и навистина ќе стане членка на Унијата. На крајот, сите земји членки ќе мора да го одобрат приемот, а некои, како Франција, најавија референдумско изјаснување за тоа прашање.
Изутрината во Луксембург Европската Унија ги започна преговорите за прием и со Хрватска, откако претходно главната обвинителка на Хашкиот Трибунал Карла Дел Понте извести дека Загреб во целост соработува со судот. На церемонијата што ја предводеше Џек Строу, хрватскиот премиер Иво Санадер изјави:

,,Ние сакаме да му помогнеме на регионот и на нашите соседи да ги остварат целите и сигурен сум дека колку побргу Хрватска стане членка на Европската Унија, толку позабрзано ќе оди и приемот на Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина.”

Австрија беше најголемиот лобист за почнување на преговорите со Хрватска и како што јавуваат некои агенции од Луксембург, тоа бил и условот да се согласи со стартот на преговорите со Турција.
XS
SM
MD
LG