Достапни линкови

Абдулменаф Беџети, професор по економија на Штуловиот универзитет во Тетово. Не можеме да бидеме задоволни, економската криза продолжува


Господине Беџети стои ли констатацијата дека Македонија се наоѓа во тешка економска состојба?

Заклучувајќи врз основа на макроекономските статистики, сигурно дека е така состојбата. Но, тоа се навистина индикатори коишто покажуваат дека земјата се наоѓа во тешка, економска, би рекол и социо економска состојба. Но, ако го гледаме реалниот живот низ друга призма, не е состојбата дотолку розова како што ја пресликуваат статистичките податоци. Денеска во многу места може да најдете компании коишто имаат оглас за прием на работници, а не можат да најдат работници. Јас знам неколку такви во овој крај, а истовремено кога во државата има 378 илјади невработени или стапка на невработеност од 37 насто, што е дефинитивно највисока стапка и ја пресликува рецесијата во економијата.

И оваа владеачка гарнитура, како и претходните, во своите програми велат дека приоритет им е економскиот развој на земјата. Како ја оценувате нивната работа? Дали тие успеаја да ја подобрат економската состојба?

Па, според активностите, мерките, постапките што ги преземаат, а пред се според постигнатите резултати не можеме да бидеме задоволни дека и оваа влада ги исполнува своите ветувања во тој дел. Останува и натаму немоќта на владата да се справи со вистинските економски реформи, структурните реформи. Останува да се справи со корупцијата, останува неефикасно судство, недејствува правна држава и не можеме вкупно со бизнис климата да бидеме задоволни во државата.

Има ли надеж во преостанатиот дел од нивниот мандат? Останува уште неполна година, да се подобри барем малку економската слика?

Последните податоци од тој дел, на пример, порастот на индустриското производство и порастот на БДП, но сеуште се тие ниски, структурно не се опфатени во секторите коишто ги најавуваат, но сепак се позитивни најави. Останува да видиме и што ќе се презема од најновата програма на владата, и покрај тоа што не се дефинирани точно изворите за реализација на зацртаните цели. Имено, не е предвидено од каде дополнителниот капитал, не е предвидено како ќе се отвараат новите работни места, бидејќи не се предвидени соодветни извори коишто ќе генерираат соодветен економски раст во иднина. Гледајќи од друга страна, од економската политика не можеме да бидеме задоволни. Тука се статички позиционирани НБМ и Министерството за финансии коишто се двата основни чинители на макроекономските политики. Тие се бетнирани во некои состојби дефинирани на ниска инфлација, рестриктивна монетарна политика и рестриктивна фискална политика во смисла на капитални инвестиции. Единствено знаеме дека само новите инвестиции го имаат генерирачкиот ефект врз новото вработување. Инвестиционата стапка кај нас е на 18 насто, а предвидено е дека под 24 насто инвестициона стапка не можеме да очекуваме позитивни резултати.

Македонската влада постојано посочува дека треба да се подобри бизнис климата за да се привлечат странските инвестиции. Колку се доволни досегашните инвестиции и колку се вистински?

Па, прво глејдаќи во обемот на инвестициите не можеме да бидеме задоволни, а исто така и во нивната структура. Обично инвестициите се правено во т.н. конјуктурни сектори, или монополски сектори коишто генерираат големи профити, а не генерираат развој. Имено, тоа се инвестициите во телекомуникациите, банкарството, осигурителството, енергетиката и слично, со некој природен монопол во себе, што создаваат енормен профит што целосно не се реинвестира тука.

Во ноември се очекува одговорот на Европската комисија по барањето на Македонија за добивање статус кандидат за членство во ЕУ. Ги исполнуваме ли економските услови да бидеме дел од економското семејство?

Не. За жал, според критериумите од Копенхаген и Мастрихт, ние сме многу далеку од исполнувањето на економските критериуми. Знаете, еден од најопштиот критериум е 60 насто од просечниот БДП на земјите членки на ЕУ, а ние не сме ниту на 30 насто. Понатаму, е одредениот дефицит и во тековната и во надворешната сметка. После е дефицитот во буџетот, односно фискалниот дефицит, и другите параметри не наведуваат дека сме многу далеку, без да ги споменуваме другите индиректни услови. Но, според конкретно наведените услови, Македонија уште долго има да чека за зачленување. Се надеваме дека тоа нема да биде почитувано бидејќи ќе има политичка одлука што ќе ни прогледа низ прсти во овој случај.

Да, во една прилика, вие бевте еден од единствените во земјава кој даде проценка, дека ако реално треба да се исполнат критериумите на ЕУ, би станала членка на Унијата дури по 2020 година. На што ги базирате таквите изјави?

Па да. Економските критериуми се мерливи. На таа основа направив една СВОТ анализа во однос на исполнувањето на параметрите и во однос на трендовите. И според таа економетриска пресметка испадна дека земјата може да ги исполни тие критериуми во 2020 година, под услов растот да биде како планираниот, 4 насто годишно. А, ние веќе до денеска имаме нулта стапка на раст. Така што гледајќи низ критериумите на политичко демократските процеси, од тој аспект дојдов до заклучок, којшто бев на некој начин анатемиран од многумина дека влевам песимизам во тој процес. Јас сакав да укажам колку е тежок тој процес и што тој носи. Јас лично мислам дека процесот на зачленување во ЕУ не е процес којшто носи само бенефит. Тоа е обврска, исполнување на критериуми, стандарди...

Тоа ми е и последното прашање господине Беџети. Зошто во Македонија се избегнува да се зборува отворено што македонските граѓани добиваат, а што губат од зачленувањето од ЕУ и НАТО?

Не мислам дека тоа е случајно така, односно не им се објаснува на граѓаните што добиваат, а што губат, зашто би ги разочарале ако им се каже што значат обврските во ЕУ. Ние пред се треба тоа да го видиме, дали сме спремни да се носиме со обврските за да ги видиме после бенефитите. А, ние правиме обратно. Дека во ЕУ тече условно мед и млеко, а не ги наведуваме обврските, дека има правила, стандарди, коишто мора да се исполнат со голем трошок за општеството. Мислам дека ако на граѓаните им се објасни и се прашаат дали сакаат да се зачленат при тој барометар, можеби ќе добијат негативен одговор. Впрочем, однесувањето на граѓаните во земјите членки го потврдуваат скептицизмот во овој дел, дека тоа не е само бенефит туку и обврска. Но, истовремено напоменувам, тоа е шанса за земјите што сериозно се определени да бидат членка на таа напредна европска фамилија. Зашто, да добиете пазар од над 300 милиони е предизвик, а дали земјата е спремна за таков предизвик, тоа е проблемот.
XS
SM
MD
LG