Достапни линкови

Отпишан долгот од 40 милијарди долари на 18 земји во светот


Светската банка и Маѓународниот Монетарен Фонд се согласија да се откажат од четириесет милијарди долари што им ги должат осумнаесет земји во светот. Ова олеснување, тие земји, како што очекуваат експертите, би требало да го искористат за поголеми инвестирања во подобрување на образованието и во купување лекови против сидата и маларијата.

Сите сто и осумдесет земји членки на Меѓународниот Монетарен Фонд и на Светската Банка се согласија да им биде отпишан дел од долгот на најсиромашните земји во светот. На состанокот во Вашингтон е усвоен план со кој се отпишуваат четириесет милијарди долари долг на осумнаесет земји. Четиринаесет се од Африка, а четори од Латинска Америка. Тие, како што се наведува, веќе не ќе треба да ги враќаат овие долгови. Претседателот на Светската банка Пол Волфовиц вака ја соопшти оваа одлука:

„Од концертните стадиони до состаноците на високо ниво, богатите и сиромашните земји се покренаа поради страдањата што ги видовме во многу делови на нашиот свет. Тие бараа акција, и со овој договор за олеснување на дологот, тие ја добија.“

Волфовиц вели дека се што остана за да се спроведе овој договор е бордот на Светската банка да го одобри распоредот и мониторингот на договорот. Тоа, според него, значи дека работата ќе била завршена за неколку недели. За да го добијат олеснувањето на долговите, осумнаесете земји требаше да спроведат специфични економски и структурни реформи што ги бараше Светската Банка. Во нејзинот план стои дека на уште дваесет земји ќе им бидат отпишани долговите откако ќе ги исполнат слични такви услови. Планот за олеснувањето на долговите на најсиромашните земји беше договорен на самитот на лидерите на Групата осум најразвиени земји во јули годинава во Шкотска. Но, тој беше досега одложуван поради страхувањето дека тоа ќе ги наруши финанските извори на овие две институции. Тревор Мануел еден од претседавачите на Светската Банка смета дека потегот сепак дојде во вистинско време за африканските земји:

„Макроекономските услови во Африка никогаш не биле подобрио отколку сега. Низ целиот регион имате пораст од четири запирка седум проценти. Имате едноцифрена инфлација. Многу земји имаат многу добро избалансирани буџети.“

Вели Мануел. Според невладините организации, сиромашните земји трошат по сто милиони долари дневно за исплата на долговите. Поради тоа тие не се во состојба да издвојуваат средства за развој и за социјални работи.
XS
SM
MD
LG