Достапни линкови

Професор Димитар Мирчев, претседател на Европското движење во Македонија. На Македонија и треба поагресивна дипломатија и поправање на имиџот за членство во НАТО и ЕУ


Пораката што Соединетите држави ни ја испратија дека Македонија нема да биде примена во НАТО пред 2008-та година, ги охрабрија стравувањата дека тоа е лош сигнал за ЕУ. Професор Мирчев, најнапред едно потсетување, дека претставниците на Владата се оградија од критиките дека невлегувањето на Македонија во НАТО не претставува последица на регресот во реформите изјавувајќи дека дефиницијата „Македонија успешна приказна“ не е наша туку на претставниците на ЕУ. Дали на овој начин Владата ги алоцира причините за сомнежот или нејзината разочараност е оправдана и објективна?

Јас лично не почувствував некоја разочараност во изјавите и на Премиерот и на Министерот за одбрана. Лично мислам дека одлагањето на поканата за членство во НАТО, не дојде заради застојот на реформите кај нас или пак заради некоја нестабилност во државата, би сакал да верувам дека се работи за други надворешни работи, или пак за работи врзани вистина со внатрешните реформи во НАТО. Меѓутоа исто така треба да се каже дека ние имаме извесен застој во тие реформи, тоа е укажано во неколку извештаи и на ЕУ и на НАТО и неможеме да избегаме од својата обврска, тој застој да го надминеме. Македонија навистина во овие 2 години заплови во води на поголема стабилност, ние имаме една агенда на реформи во врска со членство во Унијата, но мислам дека сме далеку од она што една држава кандидат треба да го покаже за да ја убеди Унијата дека ги задоволува стандардите на самата Унија.

Рековте дека врз упатувањето на покана за членство во НАТО влијаеле некои надворешни фактори. Дали стравувањето дека доколку добивме негативен одговор од НАТО тоа го оправдува мислењето дека може да добиеме и лош сигнал од ЕУ, може ли тоа да го поистоветиме така?

Мислам дека се работи за нереализарам во владината коалција. Исто така мислам дека се работи за преценување, но меѓутоа исто така се работи и за фактори кои не се директно зависни од нас. Во однос на стабилноста, па и во регионот, мислам дека нашите очекувања заради кои сме разочарани, се не само заради безбедноста на државата и стабилноста во регионот, туку затоа што од членството во НАТО имавме колатерални очекувања, пред се заради создавање на имиџ на вистински стабилна држава, во која може да се инвестира, во која капиталот странски може да верува, во кој тој капитал може да создава профит и забрзување на економските движења... И мислам дека повеќе заради тоа, отколку заради безбедноста, членството во НАТО во овој период беше многу важно. Не верувам дека тоа ќе се одрази на нашата динамика кон членството во ЕУ, бидејќи тие две интеграции имаат и други цели и друга динамика. Со Унијата ние сме во постојан политички контакт, имаме постојано оценки, така што не верувам дека тие две членства се автоматски врзани и дека едното одлагање може да влијае неповолно на зачленувањето во Унијата, кое сите тука, а верувам дека така е и во Брисел, реално го очекуваме во 2010-2012 година.

Колку ќе биде клучно за успешно претставување на македонската приказна во Брисел, лобирањето на нашите луѓе во Брисел, односно дипломатскиот капацитет?

Јас мислам дека нашата дипломатија, воопшто во комуникациите со меѓународната заедница ние би морале да бидеме многу поагресивни, пореалистично расположени, бидејќи во секој случај тоа е еден фактор на влијание за одлучувањето за статусот на кандидат, но и за понатамошниот тек на интеграцијата. Мислам дека досега нашата дипломатија, мораше, а и сега би морале да бидат многу поактивни во тие комуникации. Јас не сметам дека мора да има класично лобирање, меѓутоа претставувањето на вистинските проблеми и вистинските постигнувања во Македонија, треба да биде поактивно. Мене лично ми недостасува тој фактор на влијание. Во конкретен случај, земете го примерот Вранишковски или примерот на односите со СПЦ, во кој ние чисто заради себе си, сме морале да бидеме поактивни за да објасниме што сето тоа значи за нашата држава.

Генерално упатувате забелешки за дефанзивниот став на Македонија. Кои се аргументите со кои Македонија треба да ја гради својата позиција?

Прво, ние вистина со изградба на новите институции, на политичкиот поредок, на демократскиот поредок, меѓуетничките односи и со прилично економски движења активирани во последните години, можеме да служиме за пример на некои земји во регионот. Нашите економски индикатори во однос дури и на некои земји кандидатки за членство како што се Бугарија и Романија, не се така лоши, а во некои сектори сме и многу подобри од нив. Меѓутоа неможеме да дојдеме до израз со тие позитивни постигнувања, бидејќи имиџот на земјата е таков каков што е! Тој непосредно има влијание на репродуцирање на некои стреотипи заради кои многу малку капитал влегува во Македонија, малку работни места се отвараат, нашиот извоз е отежнат.. и во таа смисла улогата на државата и на дипломатијата, е многу поагресивно и пореално да ги претставува тие достигнувања.

Колку Македонија може да биде оптимист дека се наоѓа на патот кон ЕУ, имајќи ги во предвид и состојбите во регионот?

Јас сум оптимист, дека со овие реформи кои сега се одвиваат во Македонија и доколку продолжат да се спроведуваат, како и доколку идната година изборите поминат во ред, ние многу брзо би се приближиле до статусот полноправна членка на Унијата. Се разбира јас неочекувам дека по евентуална позитивна оценка од ЕУ овој ноември, сигурно дека Унијата прво ќе побара дополнителни реформи, ќе сочека на парламентарните избори догодина на есен, па дури тогаш сметам дека ќе започне со преговорите. Но, многу е битно во меѓувреме внатре во земјата какви промени ќе воведеме, впрочем и самата Унија налага некои стандарди и ние мора да ги следиме.
XS
SM
MD
LG