Достапни линкови

Агресивноста кај младите резултат на исполитизираноста


Недоволната родителска грижа, општествената клима во која живееме,емитувањето на агресивни содржини во мас-медиумите како и преголемата исполитизираност кај децата, се најголемите социолошки фактори кои доведуваат до агресивно однесување кај младите. Вака социолозите ги коментираат неодамнешните масовни тепачки меѓу учениците во неколку училишта низ земјата:

„Друг битен фактор е несоодветното користење на слободното време. Доколку се направи една паралела, како се користело слободното време пред 10-тина години, ќе се види една суштинска разлика. Тие секции кои што постоеја во училиштата и кои ги ангажираа младите луѓе, денеска веќе не функционираат така како што би требало.“

објаснува социологот Тања Стојановска, според која несигурноста на секојдневното живеење, трката по пари и подобра работа, доведуваат до запоставување на децата од страна на своите родители.

„Би требало да се почне од семејствата и родителите, но сепак доколку и училиштата и другите институции си ја вршат улогата како што треба, тогаш би имале само добри резултати.“

Од Министерството за образование велат дека преку работата на педагошките служби во училиштата се прават напори за спречување на потенцијалните тепачки меѓу учениците, но додаваат дека поради различни фактори истите се неизбежни:

„Ние имаме средни училишта со 2700-2800 ученици, значи огромен број ученици, во една сложена возраст, сместени во еден многу мал простор и навистина е сложено да се држи се под контрола во таква ситуација“

изјави Агим Фазлиу, раководител на секторот за средно образование.
Фазлиу посочува дека училиштата се обидуваат да ги решат проблемите преку педагошки разговор со учесниците во тепачките, зошто поинакви казнени мерки би можеле да предизвикаат спротивен ефект. Тој наведува дека причини за се почестите расправии помеѓу учениците се детски недоразбирања.

„Причините се некогаш банални. Возраста во средното образование е многу чувствителна. Децата знаат да се закачнат за тоа кому му припаѓа столчето или пак кој од која страна треба да се движи. Најчувствителни се случаите во мешаните национални средини.“

вели Фазлиу.
Социолозите посочуваат дека возрасните треба да се загрижат за ваквото однесување кај децата, оти ако навреме не се реагира тоа би довело до поголема исфрустрираност кај младите што резултира со девијантно однесување.
XS
SM
MD
LG