Достапни линкови

Осум деца заболени од заразна жолтица


На улицата Македонско-Косовска бригада, која ги поврзува населбите Чаир и Шуто Оризари, последниов месец се регистрирани осум деца болни од заразна жолтица. Директорот на Заводот за Здравствена Заштита на Скопје, Александар Стојанов, вели дека состојбата може да се нарече локална епидемија, а причина се лошите хигиенски услови на улицата.

„Сепак не би рекол дека е ситуацијата алармантна, но мора да се обрне внимание на личната и колективната хигиена и се разбира до оздравивање децата треба да се изолирани во своите домови или во болница. Кога има осум деца болни на иста улица може да зборуваме за локална епидемија, но тоа не може да земе поголем замав. Сепак, Скопје е град каде што има решени хигиенски услови, вода, канализација итн.“

Вирусот хепатит А, познат кај народот како заразна жолтица, не е единствениот вирус кој напаѓа во овој дел од годината. Подготвеноста на европските земји за заштита од далеку опасниот вирус кој ги напаѓа птиците, е на највисоко ниво, особено по појавувањето и во Русија и Казахстан. Во 2004та година, од птичји грип починаа 57 луѓе од Азија, заради директен контакт со заболени птици.

Експерти од Македонија велат дека веројатноста оваа смртоносна болест да се прошири и кај нас е многу мала. Единствена опасност за сега се дивите птици, бидејќи домашните ги контролира Ветеринарната Управа. Од Министерството за здравство велат дека увозот на месото се контролира и засега се изгледа мирно.

На Веб страницата на Републичкиот Завод за Здравствена Заштита пишува: во моментов може да се заклучи дека во Македонија не постои непосредна опасност од појава на епидемија на птичји грип.
Сепак, во Заводот деновиве се набавуваат тестови за докажување на оваа болест кај луѓето.

Во Скопскиот Завод, пак, коментираат дека не се надлежни за птичјиот грип. Тие им препорачуваат на граѓаните, за секој случај, да ја примат вакцината против грип, на почетокот на ноември, бидејќи таа обезбедува основна заштита.
XS
SM
MD
LG