Достапни линкови

Начелен договор, деталите ќе треба да се разгледуваат


Северна Кореа соопшти дека нема да се откаже од своето нуклеарно оружје се додека земјата не биде снабдена со цивилни нуклерани реактори. Соединетите Држави и Јапонија веднаш го отфрлија ваквото барање со образложение дека тоа е нешто сосема ново од договорот што неколку часа претходно беше постигнат на шестпартитните преговори во Пекинг

Ретко кога делегатите во вообичаено тензичните над две годишни шестпартитни разговори за севернокорејската нуклеарна програма стануваа и си аплаудираа. Но, токму тоа се случи на крајот од четвртата рунда што во понеделникот заврши во Пекинг. Причина беше тоа што шесте земји, двете Кореи, Соединетите Држави, Кина, Русија и Јапонија конечно успеаа да дојдат до заедничка изјава.

„Демократската Народна Република Кореа се заложи да се откаже од сето нуклеарно оружје и од постоечките нуклеарни програми и што е можно поскоро да се врати во Меѓународната агенција за атомска енергија.“

Соопшти шефот на кинескиот тим Ву Давеи. Северна Кореа излезе од Договорот за неширење на нуклеарното оружје во две илјади и третата година. Според американските разузнавачи, Пјонгјанг поседува од една до три атомски бомби. Во замена за тоа Северна Кореа од земјите кои беа вклучени во преговорите, Соединетите Држави, Русија, Јужна Кореа и Кина ќе добие енергетска помош. Во изјавата се додава дека Соединетите Држави немаат намера да ја нападнат Северна Кореа и оти двете земји постепено ќе ги нормализираат односите. Американскиот преговарач Кристофер Хил изјави дека Пјонгјанг донесол правилна одлука.

„Ова е голема одлука за нив, апсолутно исправна одлука за нив. Безбедноста, успехот, просперитетот на Северна Кореа не зависат од нуклеарното оружје. Тие зависат од односите со другите. Затоа овој момент ќе биде многу важен момент во нивната историја.“

Меѓутоа, аналитичарите веднаш предупредија дека станува збор само за начелна согласност чии детали ќе мора допрва да бидат постигнати.

„Јас навистина бев изненаден од сегашниот договор постигнат од шесте страни. Ова е позитивен сигнал. Но, тоа само ја покажува желбата на преговарачите дека не сакаа да им пропаднат разговорите.“

Изјави Леи Хонгуи, додавајќи дека токму едно од најтешките прашања, дали Северна Кореа може да има цивилна нуклеарна програма, остана да се решава во иднина. И навистина неколку часа потоа Пјонгјанг соопшти дека Соединетите Држави не би требало ни да сонуваат дека Северна Кореа ќе се откаже од нуклеарното оружје ако претходно не добие цивилни реактори. Според Стејт Департментот, ова барање не е во согласност со договореното во Пекинг.

„Страните се согласија да разговараат за цивилен реактор во иднина. Тоа значи веднаш откако Северна Кореа ќе се врати кон Договорот за разоружување.“

Изјави заменик портпаролот на Стејт Департментот Адам Ерели. И другите земји кои учествуваа во преговорите побараа од Северна Кореа да го почитува договорот.
XS
SM
MD
LG